Груевски и Мијалков ставени на црната листа на САД

Стејт департментот наведува дека Груевски и Мајалков биле вклучени во „значителна корупција“. Нивните постапки го поткопаа владеењето на правото


 

Стејт департментот на САД јавно ги посочи за вмешаност во голема корупција поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, поранешниот директор на Секторот за безбедност и контраразузнавањето (УБК) Сашо Мијалков, како и Гордана Тадиќ  од канцеларијата на главниот обвинител на БиХ. Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот, исто така, ги означи членовите на нивното потесно семејство за неподобни за влез во САД, а на двајцата поранешни моќници, покрај забраната за влез, им ги замрзнува сите евентуални имоти и сметки и ги прави неподобни за било какви бизнис релации со американските компании. Со ваквата одлука се уриваат сите надежи на Груевски дека може да се врати „на бел коњ“ во Македонија, како и можноста тој и Мијалков да избегаат дефинитивно од правдата, а ВМРО-ДПМНЕ и натаму да затвора очи пред хипотеката на партијата додека беше владеечка во Македонија.       

„Ги презедовме овие активности како одговор на вмешаностa на овие поранешни официјални лица во значителна корупција. Нивните постапки го поткопаа владеењето на правото,
демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја намалија вербата на јавноста во
нивните влади“, изјави попладнево портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

„Во неговото службено својство на премиер, Груевски беше вмешан во коруптивни дејствија, меѓу кои користење на своето политичко влијание и официјалната моќ за лична корист. Поточно, постојат веродостојни информации дека Груевски ја злоупотребил моќта на својата функција за да бара и прима мито,a за возврат да одобрува владини договори, за незаконско присвојување на јавни средства и за мешање во изборните  процеси за своја политички полза и за полза на неговата партија.

Во службеното својство на директор на УБК, Мијалков бил инволвиран во коруптивни дела кои
вклучуваат користење на неговото политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Поточно, има веродостојна информација дека Мијалков ја злоупотребил моќта на функцијата за да бара поткуп, а за возврат владата да склучува договори и да се меша во изборните процеси во своја корист и во корист на партијата“, објави Стејт департментот.

Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот, исто така, ги назначува членовите на нивното потесно семејство за неподобни за влез во САД, или поедноставно кажано и нив ги стави на црната листа.

Покрај тоа, Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) им наметна економски санкции согласно Извршната наредба (E.O.) 14033 на седум лица и на еден ентитет во четири земји од Западен Балкан. Како резултат на денешната акција сите имоти и интереси во сопственост на санкционираните што се во САД или влегуваат во САД, или кои се во сопственост или контрола на лица од САД мора да бидат блокирани и
пријавени.Во овие седум лица се вклучени и Никола Груевски и Сашо Мијалков.

Покрај нив, на листата е Акиф Ракипи од Албанија, „озлогласен член на парламентот од Елбасан“, како што наведува Министерството за финансии, кој со своите постапки ги дестабилизирал политичките процеси во Албанија. На листата од Албанија е и Јили Ндроки, медиски тајкун.

На листата е и Црногорецот Светозар Маровиќ, поранешен претседатал на државната заедница Србија и Црна Гора. Од Босна и Херцеговина, освен споменатата Гордана Тадиќ е и Асим Сарајлиќ, пратеник на парламентот на БиХ и донеодамна висок функционер на Партијата за демократска акција.

„Овие одлуки ја реафирмираат посветеноста на САД за поддршка на владеењето на правото и јакнење на демократските институции на Република Северна Македонија и Босна и
Херцеговина“, порача Нед Прајс, портпарол на Стејт Департментот. 

„Луѓето назначени денес претставуваат сериозна закана за регионалната стабилност, за институционалната доверба и за аспирациите на оние кои бараат демократско и разумно владеење на Западен Балкан“, изјави потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање во на Министерството за финансии, Брајан Е.Нелсон.  „Борбата против корупцијата ширум светот е главен приоритет на администрацијата Бајден-Харис и Министерството за финансии нема да се двоуми да ги искористи сите алатки што ни стојат на располагање за да ги држиме одговорни корумпираните и дестабилизирачките актери“, додаде тој.

Во образложението на одлуката се потсетува дека Никола Груевски е осуден и останува осомничен во бројни случаи на корупција, како злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци поврзани со неговото време како премиер на Северна Македонија од 2006 до 2016 година, но дека константно ја избегнува правдата –  што преставува сериозно назадување во утврдувањето на одговорноста за корупција. Според овој документ, Груевски е сопственик и директор на унгарската компанија I.C.I.C. КФТ, која е регистрирана како друштво со ограничена одговорност во Пецел, Унгарија. Поради обвиненијата за злоупотреба на јавни средства, експропријација на приватни средства за лична или за политичка корист и неговата нова унгарска компанија е ставена на листата за санции,  така што тешко ќе може да работи и да прави финансиски трансакции не само во САД, туку и генерално во меѓународниот финансиски систем.

За Мијалков  стои дека учествувал во шема за местење на гласови и во екстензивно  нелегално прислушување, операција насочена кон 20.000 луѓе, вклучително и опозициски политичари, судии и новинари, а со цел да обезбеди политичка и економска добивка, што пак предизвикало двегодишна политичка криза во земјата со откривање на мешање на владата во судството, контрола врз неколку медиуми и мешање во изборите.

„Во февруари 2021 година, со оглед на неговата улога како главен организатор на шема за прислушување, тој беше осуден од суд во Северна Македонија за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и добивање награда за противзаконито влијание. Последователно, во април 2021 година, судот во Северна Македонија го осуди Мијалков за злоупотреба на службена должност  околу договорот за набавка на опрема за надзор“, објави Стејт департментот.

Висок преставник на Стејт департментот изјави на брифинг дека сите дестабилизирачки активности во регионот се поврзани со корупцијата  и дека политичките актери кои дејствуваат неказнето ги крадат ресурсите на граѓаните, а тоа ја нарушува стабилноста на државите. Од Стејт департментот негираа дека на црната листа ставаат само политичари кои не се веќе на власт посочувајќи го примерот со Милорад Додиќ, како и тоа дека санкционираат само „ситни риби“, посочувачки дека предмет на санкции од денес се два поранешни премиери. 

Околу ситуацијата во Украина и можноста да се дестабилизира и Балканот овој функционер  рече дека  САД се во близок контакт со сите лидери во регионот и сите им посочиле дека нема да ја користат актуелната ситуација за да предизвикаат  нестабилност, уште повеќе што сите се на линија на позицијата на ЕУ околу ова прашање.