Груевски го нема во Интерпол поради Ердоган или поради нас


Македонските власти и вчера тврдеа дека ги поднеле до Интерпол сите потребни документи, со цел поранешниот премиер Никола Груевски да се најде и на меѓународна потерница.
„Од наша страна е направено сè, доставени се сите информации и документи и тоа веднаш по бегството на Груевски“, велат од Министерството за правда.
Меѓународната полициска организација на Интерпол со седиште во Лион, без дозвола на земјата членка на оваа организација, не споделува информации за конкретни индивидуи, односно оттаму не одговараат зошто повеќе од два месеца не ја објавуваат меѓународната потерница за поранешниот премиер Никола Груевски, кој се гони за терористичко загрозување на уставниот поредок.
Во Интерпол не сакаат да коментираат зошто не го ставиле Груевски на нивната листа, но „советуваат“ одговорот да се побара кај домашните власти што отвори сомнеж за пропуст во документацијата на македонските служби, или, пак, се работи за некаков таен договор.
„Нема такво нешто, ве уверуваме дека го завршивме нашиот дел“, децидни се од Министерството за правда.
И Обвинителството за гонење на организиран криминал тврди дека до Интерпол се доставени сите документи потребни за да биде распишана меѓународната потерница, но Интерпол официјално одбива да ја објави. Образложение нема, а според одредени неофицијални информации, процедурата за објавување на меѓународни потерници во Интерпол е заострена откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган барал распишување вакви потерници за сите негови неистомисленици.
Кога станува збор за распишување потерница надвор од земјата, тоа не оди автоматски кога се во прашање кривични дела поврзани со тероризам, односно како што е во случајов терористичко загрозување на уставниот поредок.
Од Министерството за внатрешни работи нема никаков одговор дали се испратени сите потребни документи до Интерпол и дали тие добиле некаков одговор за потерницата по Груевски.
Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, вели дека нераспишувањето на меѓународната потерница најверојатно не е поврзано со тоа што Груевски доби азил во Унгарија, бидејќи овој азил важи само за во Унгарија и доколку тој ја напушти оваа земја, Груевски би бил уапсен.
Обвинителката Вилма Русковска пред три дена обелодени дека Интерпол не распишува потерница за Груевски ниту за поранешниот разузнавач, Никола Бошкоски, кој исто така, е обвинет за организирање на крвавиот упад во Собранието. Двојните аршини на Интерпол, Русковска ги објаснува со тоа што имињата на петтемина осомничени кои беа во бегство, а беа обвинети во првиот предмет за крвавиот четврток за кои веќе има и пресуда, Интерпол ги објавил без никаков проблем. И тие, како и Груевски и Бошкоски, се товарат за исто кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и за сите биле доставени истата документација, докази, наредба за истрага и решение за притвор. (Ф.Ф.С.)