„Дали тоа навистина си го кажал“: Груевски бара објаснување од Мицкоски


Фото: Б. Грданоски

 

Претходниот и сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ за прв пат по изборот на Христијан Мицкоски за претседател на партијата во декември 2017 се најдоа во отворен јавен судир. Причината за тоа е изјавата на Мицкоски за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ дека „Груевски се наоѓа во тајна комуникација со Владата“ поврзана со измените на Кривичниот законик и усвојувањето на уставните измени. Сето тоа е „валкан дил“, му изјавил Мицкоски на на новинарот и одличен познавач на регионот, Михаел Мартенс. Владата, според Мицкоски, планирала „да ја подели нашата партија“ и да му вети кривична неказнивост на Груевски за тој да се врати и да помогне, со помош на неговите поддржувачи, уставните измени да поминат во парламентот. 

Никола Груевски се најде прилично погоден од овие зборови на Мицкоски и преку Фејсбук во вторникот вечерта побара одговори од неговиот наследник.

„Во врска со изјавата на Христијан Мицковски за германскиот медиум ФАЦ а поврзано со мене, го повикувам јавно да одговори на следните две прашања: 

1.Дали е точно дека тоа го кажал во изјавата за германскиот медиум,

2.Доколку е точно, дали може лично тој јавно да каже со кој мој потег, изјава, натпис или било што јас сум се обидел да ја поделам партијата и да даде доказ дека јас сум прифатил валкана игра со власта која треба да ја спроведам со помош на мои приврзаници во партијата. 

Се надевам дека одговорот ќе е јасен, недвосмислен, директен и личен исто како и изјавата, без префрлање на изјави на преставници на партијата, портпароли, давање брифинзи на портали или други медиуми со кои има блиска соработка“. 

Инаку, во разговорот со Мартенс Христијан Мицкоски ги повторува познатите негови ставови околу уставните измени.