Груби тврди дека разговараат со пратеници од опозицијата за уставните измени, ВМРО-ДПМНЕ вели дека лаже


 

Уставните измени мора да се случат, бидејќи без нив Македонија е во регрес, во статус кво и не може да оди напред и од овој процес апсолутно најголем добитник е македонскиот народ во Македонија, изјави денеска првиот потпретседател во Владата Артан Груби. Тој вели дека дека проевропското крило во опозицијата е во подем во Собранието и оти ќе даде поддршка за уставните измени. Наводно, веќе има контакти и комуникација со пратениците и со претседателите на политичките партии за, како што рече, начин на којшто и тие ќе ја дадат својата поддршка за европска Македонија.

„Без уставните измени Македонија е во статус-кво и не може да оди напред и затоа секој што сака европска Македонија, секој што сака развој, секој што сака да ја види нашата земја рамо до рамо со членките на ЕУ ќе даде поддршка за уставните измени од коишто најголем добитник е македонската заедница во Република Северна Македонија затоа што конечно, конечно се прави одвојување на македонскиот народ од бугарскиот народ. Од овој процес најголем добитник апсолутно е првенствено македонскиот народ во Македонија и сите граѓани на државата затоа што сметам дека се заокружува целокупната тапија на државноста на РСМ“, изјави Груби кој денеска беше во Арачиново.

Според него, се потврдува од страна на Бугарите дека има апсолутно одвојување, дека постои македонскиот народ и македонскиот јазик и дека тоа е реалност и тие го прифаќаат тоа со овие уставни измени.

Прашан за тоа колку Македонци работат во Министерството за политички систем, Груби рече дека има Македонци, Роми, Турци и оти во рамките на Министерството е и Агенцијата за немнозински заедници каде што се сите заедници, Управата за култура, Управата за образование на заедниците исто така, така што не ја знае точната процентуална застапеност.

„На последниот конкурс примивме на работа најмалку 12 Македонци“, рече Груби.

Од ВМРО-ДПМНЕ експресно му одговорија на груби велејќи дека кажувал лаги.

„Тоа што се до гуша заглавени во криминал, се обидуваат да го покријат со лажни вести. Редот да шири лаги денес му е на Артан Груби.  

ВМРО-ДПМНЕ ја повикува власта ако имаат пратеници за уставни измени, што се докажа дека немаат, еве наредната недела нека ги стават на дневен ред. Во спротивно Ковачевски веднаш да си поднесе оставка“, велат опозицијата.