Груби вели дека и терасата на зградата на ВМРО-ДПМНЕ е за уривање

Фото: Б.Грданоски

По прозивките од опозицијата дека владата не треба да ја урне само дивоградбата пред „Мавровка“ во Скопје, туку и платформата на Матка и многу такви објекти во Охрид, првиот вицепремиер Артан Груби вечерва изјави дека треба да се урне и терасата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ затоа што е дивоградба. Во гостувањето на  Сител, Груби изјави дека уривањето на дивоградбата пред „Мавровка“ било барање на ДУИ.

„Не ја донесе премиерот оваа одлука, ја донесе владата како колективно тело и тоа беше дел уште од преговорите како наше барање. Приоритет ќе ни биде владеење на право и неселективна правда“, рече Груби.

Уште во 2015 година тогашниот градобачланик на Општина Центар, Андреј Жерновски, изјави дека терасата на ВМРО-ДПМНЕ треба да се урне затоа што е дивоградба. Груби, кој денеска беше во инспекција на работите на уривањето кај „Мавровка“, рече дека не смее да има селективна правда и треба да се урне сѐ што е дивоградба, па и терасата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Мора да се почитува законот и ќе видите апсолутен фокус на неселективна правда, ако има незаконско изградено седиште на партија, ако има дивоградба во Тетово, Гостивар, Струга ќе има постапка. Но, многу е важно да не постапува партијата туку тоа да го прават институциите. Си има суд, Обвинителство, Градежен инспекторат“, рече Груби.