Груби сака да го смени цел Устав


Фото: Б. Грданоски

Првиот вицепремиер Артан Груби  во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 рече дека треба да се отвори сеопфатна дебата за надминување на повеќе недостатоци  во Уставот при неговото идно отворање. Според него, треба да се помести цензусот за референдумот, да се размисли и за недоразбирањата околу конституирање на Собранието, да се тргне терминот „20 отсто“, како и да се внесат Бугарите во Уставот, како и претседателот на државата да се гласа во Собрание. Но, за тоа вели дека е потребен консензус од сите партии, универзитети иексперти. Побара да се отвори една ваква дебата и процесот да се води во Собранието.

„Но, еве ексклузивно од вашето студиo, како ДУИ бараме конечно после 20 години сериозно да се анализираат сите недостатоци во Уставот, бараме да се отвори Уставот и да се разговара за сите недостатоци, не само за бугарските барања, туку за многу други предлози“, рече вицепремиерот.

Груби, исто така рече дека нема да има смена на министри од ДУИ.По саботната средба на новото претседателство на ДУИ, Груби вели дека „имало конструктивна дебата“ и дека е „посебно среќен што е дел од политичката академија на ДУИ, каде десет часа се дискутирало за економски проекти“.

„Да, имаше сериозна дебата. Имаше критики за Владата, но на крај ДУИ излезе посилна. Ахмети кажа дека веќе не постои „Огнена група“ и нема да има промена во составот на министрите од редовите на ДУИ“, изјави Груби.

Тој вели дека во ДУИ не размислуваат за предвремени избори.

„Во ДУИ не се размислува за предвремени избори. Не е сега време за тоа. Нѐ чека многу работа. Треба да гласаме за уставните измени, скрининг-процесот со ЕУ, има проекти за реализација, Коридорот 8, други инфраструктурни проекти, затоа избори ќе има во 2024 година и тогаш ДУИ повторно ќе победи“, рече Груби.