Груби: Кому му пречи парите од игрите на среќа да останат во Македонија?


Јас сум само прв потретседател на Владата кој го менува премиерот кога не е тука, а денот кога е донесена одлуката за три нови онлајн коцкарници сум претседавал со седницата на Владата и сум ја потпишал одлуката, како и многу други одлуки кога сум претседавал со владини седници. Тоа не значи дека е моја одлука, туку на Владата, истакна вечерва првиот вицепремиер Артан Груби.

-На таа седница, како и на други сум потпишал многу документи меѓу кои и тој.  „Черепот“ не го знам и не знам кому му пречи да има повеќе контрола во кладилниците и казината, рече Груби во интервју за ТВ Канал 5 и додаде дека во сопственичката структура на „Казинос Австрија“, која во моментов е единствен организатор на интернет игри на среќа има еден Бугарин, еден Србин и еден наш граѓанин.

Сега, како што посочи, парите од интернет игрите на среќа се слеваат во други држави, а со новиот повик кога ќе има три фирми за интернет игри на среќа ќе одат во Буџетот на државата. 

-ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година дала мнонопол на една компанија да организира електронски игри на среќа за 15 години. Сега државата со удел од 51 отсто ќе ги контролира трите фирми за интернет игри на среќа, а парите од даноците ќе останат дома наместо да одат на сметки во странство. Сакаме дистанца од половина километар на казината и сега кој сака ќе се обложува ама дома и од тоа ќе се слеваат пари во Буџетот, рече Груби.

За обвинувањата од опозицијата дека се платени пенали за доцнењето на изградбата на коридорите 8 и 10д заради ненавремено носење на одлуките, рече дека воопшто не се платени пенали за „Бехтел и Енка“ и дека тој воопшто немал влијание при изборот на подизведувачи на компанијата.

Брутална лага и пропаганда имаше за најголемата инвестиција дека се платени пенали. Се е за дневно политичко профитерство. Ниту ДУИ, ниту Ахмети, ниту јас немаме никакво влијание во изборот на подизведувачи. Апелирам до сите заинтересирани што сакаат да работат на еден ваков проект да се пријават. Има многу слободни работни места и тоа е можност да се стекне искуство во една голема компанија, што за мене значи животен проект, посочи Груби. 

Ковачевски е најдоброто нешто за државата 

Околу  уставните измени тој рече дека доколку не се усвојат парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин и ќе се примени одлуката за 100 дена Албанец премиер, а кој ќе биде таков премиер ќе одлучи лидерот на ДУИ, Али Ахмети, чии одлуки се најдобри за граѓаните што е докажано многупати досега, порача првиот вицепремиер Артан Груби.

-Засега остануваме на ставот за 100 дена премиер Албанец, освен ако ВМРО-ДПМНЕ не ги гласа уставните измени, тогаш ќе се откажеме , рече Груби. 

Нагласи дека најдоброто нешто за земјава во овој момент е премиерот Димитар Ковачевски и  дека не е точно оти ДУИ ги држи „сите конци“ во Владата.

-Не е точно дека ДУИ ги држи сите конци во Владата. Димитар Ковачевски во овој момент е најдоброто нешто за оваа држава, нема никакви предрасуди и сметам дека би бил многу добар да ја повлече Република Северна Македонија кон Брисел, посочи Груби. 

За Бугарија рече дека може да има нови барања за земјава во пристапниот процес само во однос на преговарачката рамка, но не и по основа на историјата.  

ДУИ има црвени линии за коалицирање

Истакна дека во ДУИ имаат црвени линии за коалицирање со оние што не го почитуваат Охридскиот рамковен договор и што се против евроатлансктие интеграции на земјава. Не ја исклучува можноста да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ доколку ги прифатат уставните измени пред изборите или веднаш по изборите.

-Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе ги гласаат уставните измени по изборите, но ниту еден од нашите стратешки партнери не верува во тоа. Да бидам брутално искрен, освен нас никој од стратешките партнери не верува дека доколку има избори ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставни измени, рече Груби.

Очекува на следните избори да победи проевропскиот фронт без разлика дали ќе одат со СДСМ со заеднички листи или не и додаде дека очекува победа на ДУИ во албанскиот блок.За поранешниот премиер Никола Груевски вели дека може да се врати во земјава само за да одлежи затвор и додава дека не го познава многу и немал многу контакти со него.

Никогаш во живот не сум бил во Будимпешта

-Никогаш во животот не сум бил во Будимпешта и не сум се сретнал таму со Груевски. Никакви УСБ-иња од него не добиле Ахмети и Џафери и измените на Кривичниот законик не се по негов диктат. Ако се по негов диктат веќе се донесени и стапени на сила и зошто не доаѓа во земјава. Новите законски измени нема да го спасат од затвор зашто против него се водеа повеќе постапки, рече Груби.

Посочи дека уште од 2016 година се разговарало за измените на Кривичниот законик и за членот 353 и нагласи дека во тоа не учествувал актуелниот министер за правда ,па затоа не го ни потпишал предлог-законот.

-Доколку ВМРО-ДПМНЕ не создадеше кворум ова законско решение немаше да биде донесено. Не е точно дека преку неговото донесување се обидувавме да ги донесеме уставните измени. Има пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои и сега сакаат да гласаат за уставни измени, но се под притисок од раководството, порача Груби и додаде дека не се потребни притисоци, туку лидерство. 

Истакна дека за изготвување нов Кривичен законик се разговарало и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека тој се подготвува толку долго време што не верува дека ќе биде донесен до крајот на мандатот на оваа владејачко мнозинство, а можеби и на наредното.