Груби ќе го вдоми Насер Зибери во неговото министерство

Новиот заменик претседател на Владата и министер за политички систем и односи на заедниците,  Артан Груби, најави дека Насер Зибери, кандидатот за премиер на ДУИ кој не ја доби таа функција, сега ќе биде дел од неговиот тим заедно со други експерти што тој ќе ги ангажира на договор на дело.

-Насер Зибери нема да се вработи во министерството, но ќе биде дел од експертите кои ќе ја осмислуваат работата на овој нов ресор, најави Груби на прес конференција.

Како еден од првите приоритети во неговата работа, на  новоизмислената функција прв вицепремиер, тој го најави систематизирањето  на 1.300 вработени на кои треба да им се најде место во државните институции и признавањето на нивните факултети.

-Тоа ќе биде министерство кое во целост треба да биде слика на нашето општество, рече Груби.

Запрашан кога ќе се знаат имињата на директорите и заменик министрите, Груби рече дека ДУИ добила пет заменици министри и пет државни секретари во распределбата и верува дека за два дена ќе бидат именувани и ќе се знаат. Според него имињата што се вртат во јавноста не се вистински. Тој напомена дека позицијата што ја имаше ДУИ во Пошта сега ја замениле со позиција во МЕПСО, едно од најбогатите јавни претпријатија, според него за да се освежат раководните места и да дојдат луѓе што „ќе дадат нови идеи“, што во овој случај може да значи да го осиромашат, по искуството од раководењето на ДУИ со Пошта.

-Која и да е одлука што ќе се донесе ќе биде објавена официјално од партијата а не преку социјалните мрежи, рече Груби.

Во врска со написите во кои се тврдеше дека му удрил шамари на генералниот секретар Драги Рашковски зошто не сакал да му ја отстапи канцеларијата, Груби изјави дека е цел на лажни вести и пропаганда. Според него, намерата е да се создаде раздор во коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, која како што рече одлично функционира.

-Од првиот ден од мојот избор во Собранието, но и претходно, цел сум на произведување на многу лажни вести и голема пропаганда со една единствена цел – да се внесе раздор помеѓу коалициските партнери ДУИ и СДСМ, затоа што сум задолжен за таа политичка кохезија во Владата.Но, во тоа нема да успеат, бидејќи функционираме одлично и уште од првиот ден функционираме како една влада за сите наши граѓани“,порача Груби.

Како прв заменик-премиер, Груби порача дека ќе се залага за општество со целосна рамноправност на сите граѓани.

„Обврска ми е да се грижам за спроведување на Охридскиот рамковен договор, но и за добра кохезија за сите“, реле Груби.

Тој најави исто така дека тој и неговиот тим ќе ги мониторираат реформите, да има неселектива правда преку ветингот, ќе ги распоредат вработените преку Рамковниот договор, ќе соработува со бизнис секторот. Исто така најави дека ќе работи на подобрување на пријателството со САД и ЕУ.

„Јас не престанувам да работам и не дозволувам да ги разочарам граѓаните. Ќе работам за оние кои гласаа за нас, оние кои гласа против, но и за оние кои воопшто не гласаа’, додаде Груби. На граѓаните им порача да ги ценат по работата, а не по зборовите.