Груби и обвинетите за Државна лотарија добија една недела да се запознаат со 231 доказ

Судијката најави дека намерата е неделно да се одржуваат по две судења, но на одбраната ѝ остави дополнителен простор да се запознае со доказниот материјал


 

Со полициско возило, далеку од камерите пред главниот влез, поранешниот вицепремиер Артан Груби утрово беше донесен во Основниот кривичен суд во Скопје. Полициското возило влезе директно во гаражата на судот, од каде Груби беше спроведен во судницата во која започна постапката против него и уште седуммина обвинети,  членови на надзорниот одбор на Лотарија: Башким Авдиу, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамаданоски, Александар Димитриоски.

Судот планира постапката да ја води со забрзано темпо. Во предметот има обемен доказен материјал – вкупно 231 материјален и седум вербални докази, а  Обвинителството оцени дека за изведувањето на материјалните докази нема да биде потребен подолг период.

„Материјалните докази, со исклучок на вештиот наод и мислење, би ги извеле на едно рочиште. Во однос на вербалните докази, зависи од вкрстените прашања, но би завршиле за неколку дена“, рече обвинителот.

Судијката најави дека намерата е неделно да се одржуваат по две судења, но на одбраната ѝ остави дополнителен простор да се запознае со доказниот материјал.

„Ќе оставам простор една недела да направите увид во сите докази“, им порача судијката на странките.

Веќе се утврдени и следните термини за продолжување на постапката. Рочишта се закажани за 7 септември во 12 часот, 11 септември во 10 часот и 16 септември во 10 часот.

Предметот го води судија поединец, бидејќи постапката се води по правилата за скратена постапка. Таа се применува за кривични дела за кои како главна казна е предвидена парична казна или затвор до пет години, а во прв степен одлучува судија поединец. Груби и останатите обвинети се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластување“, дело за кое е предвидена затворска казна од една до пет години.

Првообвинетиот Перпарим Бајрами, кој и натаму е недостапен за органите на прогонот. Бајрами, кој е во бегство, го застапува адвокатот Еленко Миланов. Бранители на Груби се Гоце Ристевски и Владимир Доневски, Скендер Мехмети го застапува Љубица Попова, а Бојан Јанев – Антонио Апостолски. Како адвокат на Државна лотарија е наведен Бојан Стоевски.

На рочиштето било посочено дека, поради краткиот временски период, списите од предметот сè уште не биле доставени до сите обвинети. Доказниот материјал бил подготвен во осум хартиени кутии за да биде доставен до сите обвинети и нивните бранители, а Груби кој е во куѓен притвор побарал да му биде доставена копија од обвинителниот предлог. 

Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август поднесе обвинение против осумте лица како соизвршители на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.

Според обвинението, во текот на 2023 и 2024 година тие заеднички презеле дејства со кои ги пречекориле своите овластувања и должности, со намера да ѝ нанесат штета на „Државна лотарија“. Штетата е проценета на 507.632.173 денари, односно околу 8,2 милиони евра.

За делото што им се става на товар е предвидена затворска казна до пет години.

Првообвинет е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот. Обвинителството побарало да му биде определен 30-дневен притвор, кој ќе се применува од денот на неговото пронаоѓање.

Второобвинетиот Артан Груби се наоѓа во куќен притвор, кој му е продолжен до 13 септември. Нему му е одземена патната исправа, а изречена му е и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.