Груби: ДУИ ја поздравува оставката на заменик министерот за здравство Муса

Апсолутен и бескомпромисен приоритет на ДУИ  е неслективната правда, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и владеењето на правото. Затоа во името на партијата ја поздравувам денешната одлука на заменик министерот за здравство Асим Муса да се повлече од својата позиција, изјави денеска пред Парламентот секретарот на ДУИ, Артан Груби.

Партнерството со медиумите, како што рече, е најдобриот начин да го искорениме ова зло од нашето општество.

Одговарајќи на новинарско прашање дали му верува на заменик министерот за здравство дека е наместен и не е виновен, Груби рече дека тоа прашање веќе е апсолвирано. – Со самото негово повлекување, и за нас и за институциите веќе е решен тој случај и се надевам дека тој самиот ќе успее да ја тргне таа дамка од својата кариера, со понатамошниот тек на неговите активности, рече Груби.

– Нашата држава заслужи датум за отпочнување преговори со ЕУ. Направивме се што можевме и се што побара Брисел од нас. Комесарот Јоханес Хан во неговите твитови рече дека Македонија има направено уште повеќе отколку што бараше Брисел и затоа ги има исполнето апсолутно сите услови за отпочнување на преговори. Јас се надевам дека лидерите на земјите членки на ЕУ ќе се надминат себеси и ќе донеат државничка, визионерска одлука за целиот регион на Западен Балкан, затоа што во прашање не е само нашата држава, туку е целиот регион и нашата евроатлантска перспектива. Се надевам дека заради нивните внатрешни политички, партиски калкулации нема да донесат погрешна одлука и да го остават Западен Балкан повторно во чекалната на ЕУ, изјави Груби.

Прашан дали тоа може да влијае на датумот за избори и оти веќе премиерот како датум го најави октомври 2020, Груби рече дека во политиката ништо не е предвидливо и додаде оти „ништо неможе да се каже со сигурност дека ќе се случи утре“.

– Да почекаме. Се надевам дека сите ќе се радуваме на датум. Сите се радуваме на членството во НАТО, се надевам дека ќе заврши до  крајот на оваа година, најдоцна до март следната година поради околностите во Шпанија и во другите земји, но, сметам дека апсолутен приоритет засега треба да ни остане членството во НАТО и започнувањето преговори со ЕУ. Се друго е од второстепено значење, нагласи Груби.