Разговори за детали, како што се претставени, ниту имало ниту се договорени со ниту една од страните, реагираше Артан Груби од ДУИ, откако весникот „Коха“ објави дека е постигнат  договор за формирање на влада меѓу СДСМ, ДУИ и ДПА, со формула 3+1 –а  последната година од четиригодишниот мандат премиер да биде Албанец.

„Во моментов, ниту една од многуте вести во медиумите не е потврдена од наша страна, како и да е, кога ќе имаме нешто конкретно, ќе ве известиме благовремено. Воспоставените пост-изборни контакти со СДСМ и другите партии се колегијални, пријателски, иницијални, секако за доброто на земјата и нејзините граѓани“, рече Груби.

Од СДСМ, пак, порачаа дека ќе ги почнат разговорите за состав на идната влада по конститутивната седница на Собранието, на 4 август (вторник), кога лидерот Зоран Заев ќе се врати од одмор.

Се очекува Заев, како новоизбран пратеник, да присуствува на конститутивната седница, по што ќе почнат преговорите за состав на новата влада. Согласно со уставните рокови, најдоцна до 14 август претседателот Стево Пендаровски би требало да го определи мандатарот, кој во наредните 20 дена, што би значело до почетокот на септември, би требало да ја состави новата влада и да поднесе до парламентот програма за работа.