Гром удри во авионот на Ивица Дачиќ
Силно невреме вчера ги зафати Словенија и Хрватска, каде за само два часа се забележани повеќе од 20 илјади молњи, а на небото над Словенија се случувала вистинска драма.
Имено, во авионот „Фалкон“ на Владата на Србија во кој кон Љубљана летал српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ удрил гром.
Искусниот и присебен пилот успеал безбедно да го приземји авионот на љубљанскиот аеродром, по што министерот Дачиќ го продолжил патот кон Блед каде учествува на Стратешкиот форум.
– Пилотот беше присебен. Не беше пријатно, но ми рекоа дека авионот никаде не е пробиен. Одиме понатаму. Се слушна помала експлозија, видов блесок. Но, никој не ни може ништо – изјавил министерот Дачиќ за српските медиуми по инцидентот.
Ова не е првпат на министерот да му се случи ваква непријатност. Кон крајот на мај, авионот во кој се наоѓаше Дачиќ се расипа и мораше итно да слета на аеродромот во Атина и тоа во рок од 15 минути.