ГРОМ бара одговори кој дозволил дискотеката во Кочани да работи со пломба на вратата

И партијата на ГРОМ, како и многу други, денеска го поставува прашањето до обвинителството, полицијата и другите надлежни органи кој дозволил дискотеката „Пулс“ да работи откако лани на 21 декември ѝ беше ставена пломба од Управата за јавни приходи. Со чија дозвола или не била скршена пломбата и дискотеката веднаш по неколку дена продолжила да работи.
„Додека цела Македонија тагува, а заедно со нас и регионот и целиот свет, сведоци сме на груба политизација на овој настан и тоа од никој друг, туку од најодговорноиот, а тоа е актуелната владејачка гарнитура.
Секојдневно ја замајуваат јавноста со непотребни прес-конференции, спектакуларни апсења, обидувајќи се себе од виновници да се претстават како спасители на народот. И замислете, токму тие апелираат да нема политизација на овој случај, а напротив, тие го прават спротивното“, се вели во соопштението на ГРОМ.
Оттаму додаваат:
„Со притварање на цела чета виновници и барање на вина низ историјата, низ годиниве наназад, а не гледајќи вина во денешниве припадници на власта е само невешт политички маневар за истрагата да се оттргне далеку од нивната одговорност.
За ГРОМ, ден Д од каде треба да се насочи истрагата е 21.12.2024 година. Тоа е денот кога официјален државен орган, Управата за јавни приходи, на овој објект му ставила пломба и го затворила. Воопшто не е битно дали тоа била УЈП, ДЗС, ЦУК, Пазарната инспекција или полицијата. Важно е дека официјален надлежен државен орган издал наредба за забрана за работа на овој објект.
Клучно прашање на кое што треба да одговори истрагата е кој го отвори објектот? Кој дозволи да биде отворен објектот? И на крај, со чии политички амин ова незаконито дејствие е истолерирано?
Фактот што дискотеката ‘Пулс’ до денес се уште има блокирана сметка кажува дека и во моментов овој објект би требало да биде пломбиран. И доколку оваа одлука се почитувала, а надлежните во УЈП, полицијата и Пазарната инспекција се потрудиле истата одлука да биде спроведена, 59-те млади луѓе денеска ќе беа живи и ниту еден немаше да биде повреден.
Затоа бараме од Јавното обвинителство да не подлегнува на политичките маневри на власта туку ласерот на истрагата да го насочи во вистинска насока и одговорноста да се бара од сегашниот, а не од ланскиот снег“.