Грофови со туѓи пари


Тамам кога подзаборавивме на егзебициите на струшкиот градоначалник со набавката на „аудито“ вредно 70.000 евра службени пари, се јавија претседателите на Врховниот суд и на Судскиот совет. Двете врвни институции за негување на правото немаат проблем да искешираат по четириесетина илјади државни евра за да им овозможат на своите први луѓе да се возат во БМВ. Да, и Управниот суд си дозволи од својот буџет, финансиран од парите на даночните обврзници, да издвои триесетина илјади евра за ново возило.
Во сулуди времиња во какви што живееме речиси три децении и каде изопаченото ни изгледа нормално, неколку десетици илјади евра во држава од која се ограбени и украдени милијарди изгледаат како вест од пет реда. Изгледа така размислуваат и „големците“ за кои што се наменети возилата, за кои обичниот граѓанин не може да заработи за два работни века, па кога ги слушате нивни објаснувања – не знаете што повеќе ве иритира. Дали тоа што ве осиромашуваат при очи или што ви кажуваат дека тоа е нормално за луксузниот живот во кој се навикнати?
Јово Вангеловски, на пример, приватно вози „мерцедес“, некој многу скап модел, па „БМВ-то“ му изгледа како потценување, ама мора да го прифати, бидејќи така му налага службата. Уште и љубезно замолува да направиме споредба со неговите колеги во врховните судови низ европските држави. Не кажува на кои, веројатно мисли на оние од богатите западноевропски земји, иако, не би изненадило идејата за скап службен автомобил да ја добил од колегите од регионот, затоа што низ целиот Балкан има грофови со народни пари.
Рамиз Мерко, пак, не е ни човек да му се налути. Кога ќе ти спротистави аргумент дека парите што ги дала општината, која, инаку, е презадолжена, па владата од Скопје ѝ го плаќаше борчот, не биле многу и оти требало да си купи поскап автомобил – можеш само да му пружиш рака и да си заминеш. Сфаќаш дека логиката, сенсот, разумот, па и солидарноста и хуманитарноста престанале да живеат кај луѓето со моќ при одлучувањето.
Просто неверојатно е како не учиме ништо од лошите потези и стилови на владеење од минатото. Градоначалниците, министрите, директорите, претседателите на судовите и на институциите никако да сфатат дека нивна задача е да бидат сервис на граѓаните и на приватниот сектор. На тие работни места се привремено, земаат плата од буџетот на државата, добиваат привилегии и бенефиции, а за возврат треба да работат чесно и принципиелно. И да ги бива за таа работа, што не е толку лесно, бидејќи првиот и најважен аргумент што мораат да го исполнат е да имаат добитната партиска книшка. Тоа ни е јасно дека нема да биде сменето за бргу време, ама првите принципи може и мора веднаш.
Дури и кога купуваат скапи возила со парите што не се нивни, треба да сфатат дека со нив ќе се возат само додека се на функција, а за тоа кратко задоволство го ризикуваат својот личен, професионален, па и партиски интегритет. Но, изгледа дека прашање за честа добива други димензии кога си „надвор“ и кога си „внатре“.
Штом е така, тогаш државата ќе мора да најде начин да го регулира ова крволочно трошење на буџетски пари. „Монти-пајтонско“ изгледа да им ги покрива долговите на општините, а градоначниците да си купуваат лимузини. Притоа, половина век да немаат инвестирано во противпожарни возила, возила за чистење улици, за брза помош, за училишта, болници…

Горан Адамовски