„Грло“, „грлниче“… елемент од познатата женска македонска народна носија


Рачната изработка на „грло“ како елемент од народната носија е врвна креативност и умешност на македонската жена од сите краишта, од Битолско Поле, Прилепско, Дебарца, Струшко, Бојмија, Овче Поле, Горна Река или Мавровско Поле.

Називот „грло“ во различни пределски целини има различни именувања и затоа освен како „грло“ во Цапарско Поле, се употребуваат и термините „грлка“ во Битолско-прилепско Поле, „гушале“ и „грлниче“ во Мариово, „грлинка“ во струшки Дримкол, „грлувче“ во Дебарца, „јаглк“-„грлушка“ во Бојмија, а се среќава и со називите „’ржонде“, „прегрлак“, „прегрудник“, „нагушњак“…

Уникатни примероци на македонско „грло“ долги години се изложени во Британскиот музеј во Лондон и Етнографскиот музеј во Дубровник, а благодарение на ангажманот на Наде Геневска Брачиќ, етнолог, кустос советник во НУ Завод и музеј – Битола, избрани оригинали се поместени и во битолскиот Музеј.


– Во збирката на НУ Завод и музеј има над 150 примероци, елементи „грло“ од носии кои се од исклучително значење, а на изложбата во Битола јавноста може да види 50 рачни изработки кои биле дел од носијата во Битолско-прилепско Поле, Горни Битолски Села, Мариово, Демирхисарско и Мијаци од Ореше и Смилево. Избраните примероци се уникатни, секој примерок е различно изработен од жени кои работеле во својата средина, имале голема смисла и талент да понудат креативно решение за „грло“… тоа се исклучителни рачни изработки со голема инвентивност која не може да се измери бидејќи е многу голема, вели Геневска Брачиќ.

Изложбата содржи изработени „грла“ од крајот на 19 век до средина на 20 век. Станува збор за фонд на примероци кои ја следат хронологијата низ времето, и за тоа како тие од година во година се менувале.


– Примерокот од 19 век, „грло“ од Битолско-прилепско Поле е изработен од чоја на која се пришиени метални пари, а како дополнителен украсен елемент се користат мониста. На почетокот од 20 век, елементот „грло“ се изработува со мониста, со вез, а по Првата светска војна „грлата“ се везеле само со конец и се додавал позамантериски материјал. Во средината на 20 век „грлата“ се поедноставуваат и се изработуваат само од куповно платно и црно кадифе кои биле работени од терзиите со дополнителни гајтани и украсувани со ширити, петлици, панделки. Сите настанати промени ги мотивирале луѓето да бидат поиновативни и да создаваат дела кои денес навистина имаат извонредно значење. Во самата избложба мојата цел беше да ги издвојам и да ги прикажам како делови од народната уметност или уметнички дела и затоа се изложени на овој начин, ни нагласи Геневска Брачиќ.

Додаде дека посакува тие денес да бидат мотив и нова инспирација во современ моден дизајн.

Украсувањето на предниот дел од кошулата на градите е појава која се сретнува кај голем број народи. На пример во Конавле, Хрватска, се сретнува под терминот „попрсница“, а под овој термин во етнографскиот музеј во Дубровник се заведени „грло“ и предници од јака кои се по потекло од Македонија. Под терминот „пластрон“ се заведени примероци на „грла“ и везени предници од земјава во музејските збирки на Британскиот музеј во Лондон.


– Збирката „Грло“ во битолскиот Музеј се формирала од педесеттите години на минатиот век, најголем дел од примероците се откупувани, а збогатувањето продолжува и денес. Збирката е сведоштво за тоа како жените можеле во еден период од еден материјал да направат „грло“ кое се разликувало од другите и затоа што во изработката е вложена голема имагинација, креативност и вештини. При изработката се користеле т.н. вегетабилни орнаменти, флорални и геометриски форми. Најчесто како пример е користена лозата затоа што делот кој се украсува е по вертикала и како мотив може најдобро да се следи за везење. Но, како мотив користени се и цветови, шапки, или сè што жените ги опкружува во животот. Концептот на самата носија бил граден според традиционални норми, да биде покриен секој дел од телото, а во овој случај бидејќи станува збор за дел од градите и со цел тој дел да биде покриен, работено е грло естетски визуелно, во исто време со креативно решение. Во изработката се користени различни бои, иако во периодот на алските кошули, доминирала црвената, алова боја, но во грлата има богат колорит на жолта, зелена, сина боја, појасни Геневска Брачиќ.


Изложбата „Грло“ во битолскиот Музеј предизвика големо внимание и затоа ќе биде отворена до крајот на февруари. Во овој период под менторство на Наде Геневска Брачиќ, етнолог кустос, ќе се одржат работилници за средношколци за да се реактуализира народната носија и да биде мотив во новиот модерен дизајн.

Низ проектот „Моја инспирација“, целта е што повеќе од младите да се посветат на оваа вековна традиција, да ги согледаат вештините на изработка, техниките и осмислувањето на ликовните композиции, кои резултираат со богатство на разновидни естетски форми.