Грлиќ Радман – Дачиќ: Соработката меѓу Хрватска и Србија е во интерес на двете земји
Србија– Шефовите на дипломатиите на Хрватска и Србија, Горан Грлиќ Радман и Ивица Дачиќ ги договорија чекорите што треба да се преземат за подготовка на нивната билатерална средба, чија цел е да се намалат разликите во ставовите за минатото и отворените прашања, како соработка која е во интерес на двете земји.
Разговорот беше продолжение на билатералните средби по посетата на Дачиќ на Загреб на почетокот на јануари и директната средба меѓу хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и српскиот претседател Александар Вучиќ на маргините на форумот во Давос.
И Грлиќ Радман и Дачиќ истакнаа дека двете страни имаат различни ставови за минатото, но рекоа дека експертските тимови на двете релевантни министерства ќе подготват платформа за нивната билатерална средба во наредните месеци.
Целта на таа средба е „оперативно и конкретно“ да се утврди што треба да се направи за натамошен развој и унапредување на односите меѓу Србија и Хрватска, „пред се што би било најдобро за граѓаните, државите и народите“.
Дачиќ рече дека „има низа прашања“ за кои Србија и Хрватска не се согласуваат.
„Сметаме дека, без разлика што секако размислуваме поинаку за некои прашања од нашето минато, мора да бараме начини и механизми за соработка“, рече Дачиќ, најавувајќи серија средби со цел да се анализира ситуацијата и да се утврди што и како двете страни можат конкретно да направат за понатамошен развој на односите.
Шефот на хрватската дипломатија изјави дека во интерес на Хрватска е да ја поддржи Србија на нејзиниот европски пат, но дека Белград мора да ги исполни критериумите.