Грковска: За оние што се ставени на црни листи мора да има последици и овде


Славица Грковска (Фото: Б. Грданоски)

 

Владата треба да создаде правни предуслови за тука, во земјава, во рамки на македонскиот правосуден систем, да се процесуираат лицата кои се ставени на црна листа во други држави, порача денеска вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска.  

На брифинг со новинарите, сумирајќи го сработеното во годината што изминува, Грковска информираше и дека во однос на Етичкиот кодекс досега се изречени писмени опомени за 12 функционери, избрани и именувани, за различни прашања. Кај некои функционери, според неа, Кодексот нема никаков ефект, а кај некои се забележуваат промени во однесувањето.

„Многу лоша порака е да се види дека лицата кои се ставени на црна листа во други држави, кај нас се однесуваат како ништо да не се случило. За тоа мора да има последици, во легална процедура, но тоа треба да е поттик и за истражните и за правосудните органи поефективно и поефикасно да ја вршат својата работа. Меѓународната поддршка е секогаш добредојдена, но задача на домашните институции е преку правниот систем целата процедура да има завршница и да се види дека има последици за оние што го прекршиле законот“, истакна Грковска.

Таа потенцира дека медиумите, граѓанскиот сектор и Државната комисија за спречување на корупцијата се клучните партнери кои треба да реагираат и да укажуваат на таквите однесувања.

На брифингот Грковска информираше и дека наскоро се очекува Министерството за информатичко општество и адмнинистрација да го предложи законот за архивско работење, чиј драфт е веќе изготвен. Со законот се предвидува целосно електронско функционирање на институциите во однос на документацијата и дигитално зачувување на материјалите. Допрва ќе треба, како што објасни Грковска, да се направи и т.н. владин „клауд“, како „бек-ап“ за сите дигитални документи кои ќе минуваат низ институциите.