Грковска во Естонија по искуства за процесот на дигитализација


 

Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, е во Естонија во прибирање искуства за извонредно успешниот начин на дигитализацијата на тамошното општество. Таа денеска оствари средба со директорот на естонскиот Центар за регистри и информациски системи Риво Рајтман, со кој разменија информации за процесот на дигитализација на општеството, но и за интероперабилноста на податоци.

Грковска е во тридневна посета на Естонија во рамките на Проектот за унапредување на дигитализацијата на Македонија, а  во соработка со естонскиот Центар за меѓународен развој и со поддршка на САД каде ќе има средби во естонските институции кои се носители на естонското дигитално општество.

Директорот Рајтман нагласи дека меѓуинституционалната размена на податоците и воведувањето на електронска лична карта се клучните чекори во процесот на дигитализација, по што процесите потоа само треба да се надградуваат. Грковска ги информирала домаќините дека во Македонија веќе е почнат процесот на интероперабилност, а се работи и на воведување на електронска лична карта и токму затоа естонското искуство за нас е многу важно.

Според Грковска, соработката со естонската влада за нас е клучна, не само во процесот на спроведување на дигитализацијата, туку и во процесот на информирање и обука на граѓаните. Затоа, додаде таа, за нас е важно доследно да се применуваат трите клучни принципи при воспоставувањето на електронска лична карта, а тоа се довербата, достапноста и интегритетот на податоците.