Грковска вели дека дигиталниот развој мора да биде инклузивен


 

Славица Грковска, учествува на првата Глобална конференција на сајбер капацитети (GC3B) 2023 на тема „Сајбер отпорност за развој“, која од денеска до 30 ноември се одржува во Акра (Гана). Минатиот ноември Северна Македонија стана 103-тата членка на Глобалниот форум за сајбер експертиза и со тоа се вброи во земјите кои активно се залагаат за подобрување на сајбер капацитетите и нивната безбедност.

Во пресрет на официјалното отворање на овој настан, вицепремиерката Грковска имаше воведно обраќање на работниот појадок во Акра, посветен на улогата на жените во градењето сајбер капацитети.

„Жените традиционално се недоволно застапени во технолошкиот и сајбер-безбедносниот сектор, не само во политиката. Недоволната застапеност не само што го попречува напредокот на родовата еднаквост, туку води и до пропуштени можности во иновациите и решавањето на проблемите. Од витално значење е да ги охрабриме и поддржиме жените да напредуваат на ова поле, но и силно да се спротивставиме на сите стереотипи по ова прашање“, нагласи Грковска и додаде дека во дигиталниот развој, од суштинско значење е да се осигураме дека имаме инклузивна работна сила, што значи зајакнување на жените и обезбедување еднакви можности.

На глобалната конференција на сајбер капацитети (GC3B) 2023 на тема „Сајбер отпорност за развој“, која ја организира Глобалниот форум за сајбер експертиза (GFCE), заедно со Светска банка, Светскиот економски форум (WEF) и Институтот за сајбер мир, вицепремиерката Грковска ќе има свое излагање и ќе учествува на повеќе панели и настани.