Грковска се сретна со директорот на ОЛАФ
Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, денеска во Брисел одржа средба со генералниот директор на ОЛАФ – Европската канцеларија за борба против измами, Виле Итала, и членови на неговиот тим.
Грковска ги презентираше иницијативите и процесите кои ги спроведува Кабинетот за политики за добро владеење во насока на јакнење на интегритетот, транспарентноста и отчетноста во институциите.
Имајќи ја предвид улогата на ОЛАФ, како независно тело кое што е одговорно за борба против измама, корупција и други незаконски активности кои влијаат на финансиските интереси на ЕУ, Грковска нагласи дека ги цени средствата на даночните обврзници на Европската унија кои се вложуваат во нашата земја и дека тие мора да се користат соодветно на намената. Во таа насока, таа посочи дека треба треба да се обрне внимание и да се избегне преклопување на проектите финансирани од ЕУ, но и од други донатори.
Домаќините од ОЛАФ истакнаа дека имаат многу добра соработка со надлежните институции од Македонија, особено со Одделението за координација на борба против измама на ЕУ средствата (АФКОС) во рамките на Министерство за финансии, како нивна контакт точка за соработка.
Грковска и Итала се согласија околу важноста на јакнењето на принципите на добро владеење во државата, затоа што поголема транспарентност значи и помала корупција.