Грковска разговараше со претставници на ИФЕС за изборите и доброто владеење


 

Вицепремиерката за политики на добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со претставници на „Меѓународна фондација за изборни системи“ ИФЕС, предводена од Катрин Елена, глобален легален советник и директорка на Центарот за антикорупција и демократија и Јоана Козмо, директорка на огранокот на ИФЕС во Северна Македонија.

На средбата, како што соопштија од Владата, било разговарано за потенцијалните полиња за соработка, со акцент на реформите во правец на транспарентното и демократско владеење, унапредување на моделите за локалните и парламентарните избори и јакнење на ефикасноста на институциите.

Претставниците на ИФЕС укажаа на важноста од континуиран дијалог помеѓу изборниот процес и антикорупциските политики, како и на важноста на дигитализацијата како главна алатка на добро и транспарентното владеење.

Вицепремиерката Грковска ги запозна претставниците на ИФЕС со преземените активности на нејзиниот кабинет во сферата на доброто владеење, потенцирајќи дека фокусот на нејзината работа се дигиталната трансформација на општеството, транспарентност и ефикасност на институциите, како и антикорупциски политики.

На средбата заеднички беше утврдена важноста на фер и професионално спроведени демократски избори. Гостите ја изразија својата силна поддршка на нашата земја во заложбите за транспарентното и демократско владеење и заеднички се согласија дека ќе продолжи плодната соработка за остварување на стратешката цел на Владата, државата да има професионални институции кои работат во полза на граѓаните.