Грковска разговараше со поранешниот холандски фудбалер Сидорф за важноста на спортот


 

Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа онлајн средба со Кларенс Сидорф, глобален амбасадор на УЕФА за диверзитет. Сидорф е меѓу најуспешните фудбалери во холандската историја и еден од шесте луѓе во светот, кои Нелсон Мандела ги избра како „шампиони на наследството“.

Двајцата соговорници се согласија дека споделуваат заедничка визија и заложби насочени кон позитивни социјални промени и дека преку спортот се шират благородни вредности и идеи, кои имаат особено значаен ефект кај младата популација. Имајќи го предвид глобалниот активизам на познатиот холандски фудбалер, таа упати покана до него да ја посети Македонија во наредниот период, оценувајќи дека неговата посветеност и ентузијазам за промоција на вредности и инклузивност во општеството ќе има значаен одек и позитивен придонес во земјата и во целиот регион.

На состанокот се разговараше за можностите за заедничка соработка околу справување со корупцијата во спортот, како и за активности преку кои се отвораат можности за спортување на сите, особено за децата со попреченост.

Кларенс Сидорф стана познат глобален активист по завршувањето на неговата кариера како фудбалер и го користи влијанието на спортот за промоција на позитивни општествени промени и создавање подобар свет, преку неговата Фондација „Шампиони за децата“, основана во 2004 година.