Грковска на Глобалниот форум на ОЕЦД во Луксембург
Со почетокот на преговорите за членство во Европската унија и исполнување на критериумите за полноправно членство верувам дека ќе ги унапредиме капацитетите на институциите, истакна вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска која денеска учествуваше на Глобалниот форум 2022 на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), „Градење на доверба и зајакнување на демократијата“, што се одржува во Луксембург.
Грковска се обрати на панелот посветен на „Одговорна јавна администрација за силни демократии во Источна и Југоисточна Европа и во регионот на МЕНА, со фокус на Украина“, на кој, меѓу другите, учествуваа и вицепремиерката за европски интеграции на Црна Гора, Јована Маровиќ, министерката за јавна администрација на Словенија, Сања Ајановиќ-Ховник, како и украинскиот министер Олех Немцинов.
Таа оцени дека за зголемување на довербата на граѓаните во институциите, но и за реформа на јавната администрација неопходна е целосна и доследна имплементација на принципите за добро владеење, а тоа се одговорност, отчетност, транспарентност, професионалност и ефикасност на јавната администрација, но и кај носителите на извршни функции. Истовремено неопходна е промена на свеста дека јавната администрација постои за да им служи на граѓаните.
„Имплементацијата на овие принципи во основа значи целосна реформа на јавната администрација, процес кој не може да се постигне преку ноќ и за кој е потребен стратешки и долгорочен пристап. И затоа е важно во општеството да се постигне консензус за потребата од оваа реформа, но и за континуитет при нејзината реализација, бидејќи довербата во институциите не може да се изгради преку ноќ“, нагласи Грковска.
Грковска ќе има средба со генералниот секретар на ОЕЦД, Матиас Корман.