Грковска ја презеде функцијата вицепремиер од Николовски


Во Кабинетот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, денеска се изврши примопредавање помеѓу досегашниот вицепремиер Љупчо Николовски и сегашната вицепремиерка Славица Грковска. Николовски и упати честитки на Грковска за новата функција и ја запозна со досегашните преземени мерки во областа на борбата против корупцијата и криминалот, како и за мерките од подготвениот нов План за борба против корупција 2022.
 
Со поддршка од Советот на Европа за прв пат се подготвува Закон за потекло на имот, драфт верзијата е готова, а усвоена е националната Стратегија за јакнење на капацитетите на институциите за водење на финансиски истраги и конфискација на имот со Акциски план 2021/23 година.
Николовски посочи дека е подготвен нов План за борба против корупција 2022, со четири столба: дигитализација, независно и ефикасно правосудство, професионализација на институциите и превентивни мерки за борба против корупција. Дел од мерките од новиот План предвидуваат  предлог-декларацијата за борба против корупцијата како стратешки приоритет на државата и државните политики и ја достави до Собранието на РСМ за истата да ја донесе, воведување на аудио и видео надзор за начинот на преземање на службените овластувања од страна на царинските службеници, за превенција од евентуални коруптивни однесувања од страна на службениците, приклучување на уште 13 инспекторати во системот Е-инспектор. Во новиот План е предвидено формирање на 4 нови истражни центри во обвинителствата и нивно кадрово и техничко екипирање како и зајакнување на процесите за спроведување на јавните набавки преку ставање во функција на е-пазар за набавки од мала вредност, воспоставување на регистар на цени на стоки и услуги, автоматска прераспределба на членовите на комисиите за јавни набавки.
Славица Грковска доаѓа од позиција на  главен системски аналитичар во Секторот за информатичка технологија, Оддел за информатика и телекомуникации во Министерството за внатрешни работи, каде што исто така e задолжена и за процесот на дигитализација во Министерството. Исто така била CAO и HR менаџер во неколку ИТ компании. Учествувала на повеќе обуки и конференции и е поранешен пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.