Грковска: Без граѓанскиот сектор нема ефикасна борба против корупцијата


 

„Граѓанскиот сектор е важен набљудувач на работата на секоја влада и затоа нивната улога е од големо значење за секој демократски систем. Ефикасни антикорупциски мерки можеме да имаме само ако и граѓанскиот сектор е вклучен во нивното креирање, имплементација и контролата на нивното спроведување“, нагласи вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, синоќа на глобалниот Форум за граѓанско општество.

Форумот, кој го обедини невладиниот сектор, но и претставници на влади од целиот свет, е во организација на Стејт департментот на САД и Канцеларијата за дрога и криминал на Обединетите нации (УНОДЦ), како пред-настан на Конференцијата на земјите потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации за заштита од корупција (УНКАК), во Атланта, САД, која почнува со работа од денеска.

Грковска учествуваше на панелот кој беше посветен на заштитата и поддршката на граѓанското општество во напорите за справување со корупцијата.

Таа истакна дека граѓанскиот сектор во Македонија има одлична експертиза, особено во делот на корупцијата во јавните набавки, како и за состојбите во правосудството и тоа е од големо значење за креаторите на политиките и за носителите на одлуки. Но, нагласи таа, многу е важно при креирањето на мерките да се имаат предвид конкретните специфики на државата, на институциите, на општеството. Само на тој начин, нагласи таа, може да имаме ефикасни и добро таргетирани мерки.

Денеска, на првиот ден од Конференцијата КОСП 10, Грковска ќе има обраќање на пленарната сесија.