Грковска бара нови закони за избор на Судскиот совет и обвинителите, спогодувањето со обвинетите го нарече „пазарење“


Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, ги оцени денес како загрижувачки состојбите во судскиот систем, од спогодувањето за пресудите што го нарече пазарење за вината, па до критериумот „истакнат правник“ во изборот за највисоките функции, што се покажа како што рече „прилично широк и недефиниран“. Поради утврдените слабост, на кои беше сведок и јавноста изминатите месеци, таа предлага измени за Законот за Судскиот совет, на Законот за јавни обвинители и на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.  

Правејќи едногодишен преглед на сработеното во минатата година таа посочи дека отвориле 15 предмети за прекршување на Етичкиот кодекс за функционерите и дека во четири случаи биле изречени јавни опомени – за Бујар Османи (две), Артан Груби,  Никола Тупанчевски  и Хисен Џемаили.

-Ние одлучуваме само врз основа на аргументите. Гледате од функционерите на кои им е изречена опомената дека не не засега многу за кого и за што решаваме, туку дали аргументите укажуваат на тоа дека го прекршиле кодексот или не. Има влијание, има промена во однесувањето тоа се гледа по дискусиите што ги правиме, рече Грковска.

Таа препорачала до сите министерства и институции  да имаат лице задолжено за  имплементирање на етичкиот кодекс.

-Во добра насока сме, тоа е процес. Досега немавме изрекување мерки  за вакво однесување на функционери. Тоа е процес кој се надеваме дека еден ден ќе не доведе до ситуација кога свесноста на функционерите ќе биде на тоа ниво какво што е во денеска во  поразвиени демократски држави, но преку ноќ не се случува, рече Грковска.

Но, иако се применува само две години, УСАИД и ИРИ веќе работат на измени на Кодексот за етичко однесување на функционерите бидејќи препораката на ГРЕКО била да се има кодекс „што е применлив и на кој ќе се придржуваат функционерите“. Каков и да е, кодексот се однесува само за функционерите на извршната власт, т.е. владата, а шефот на државата, пратениците и градоначалниците можат да го применуваат – но не мораат.   

Таа го најави, но без рок кога може да се усвои и Законот за потекло на имотот кој треба да затвори дупка во постојната регулатива и со кој ќе може  во иднина да се испитува и конфискува нечиј сомнителен имот ако сопственикот не може да докаже како го стекнал. Законот е во фаза на јавна расправа  и е преименуван во Закон за конфискација без осудителна пресуда. 

Во рамките на борбата против корупцијата ГРЕКО исто така ни препорачал да се поедностават постоечките правила  за прифаќање подароци од страна на функционерите , кои сега се наоѓаат во два закона, две уредби, во едно решение, една одлука и во Кодекстот за етичко однесување , а притоа не е утврден точниот опсег (на кого треба да се применуваат), дозволената граница на вредноста на подароците, кому да се пријавуваат и како да се евидентираат. Поедноставувањата се направени и се очекува да бидат усвоени во блиска иднина. 

Што се однесува до дигитализацијата, која се прави со помош на експерти од Естонија, и треба да резултира до електронска лична карта и електронски идентитет, Грковска беше воздржана околу роковите, иако смета дека може да се успее со личната карта идната година. Според неа, електронските услуги што ги нудат сега институциите можат да ги користат само тие што имаат електронска сметка во УЈП, што значи се недостапни за останатите, а тоа ќе се реши со овие електронски документи. Но, како што се наведува во нејзиниот извештај, институциите се технички неподготвени  и немаат желба да брзаат со законската регулатива бидејќи доколку се донесат законите, министерствата нема да можат да ги применат. Исто така, како што опиша Грковска, поради немањето закон за чување на дигиталните документи (кој е во подготовка) место да бидат поефикасни институциите со е-услугите, има и забавување, бидејќи законски се обврзани дигиталните услуги – да ги принтаат и на хартија. Притоа и самата посочи на  парадоксот поранешна министерка за информатичко општество  да е главен дигател на овој процес во Србија, а кај нас се одвива бавно.

На денешниот брифинг со новинарите Грковска потврди исто така дека договорот за изградба на коридорите со „Бехтел и Енка“ има клаузула за тајност.

-Мојата прва изјава за тоа беше дека во принцип не гледам причина да не биде објавен, освен ако има клаузула што би можела да влијае на таквата одлука. Меѓутоа, таква клаузула постои,  така што таа не обврзува во еден дел за таква мерка, рече Грковска на средбата со новинари.