Големиот дебел грчки заговор да ја измамат ЕУ

ЕУ ја истражува една од најголемите земјоделски измами во Грција преку која се извлекувани бесправно по 45 милиони евра годишно. Меѓу другите случаи, еден Грк пријавил лажен имот во Македонија за да земе бесправно субвенции од Брисел


Шемата за измама на Европската унија ги имаше сите ознаки на внатрешна работа. Канцеларијата на европското јавно обвинителство (ЕППО) води десетици случаи, во кои грчките граѓани добивале земјоделски средства од ЕУ од 2017 година за пасишта што не ги поседувале или не ги дале под закуп, или за земјоделски работи што никогаш не ги работеле, лишувајќи ги од парите земјоделците на кои им следувале.

Под истрага е како е поставена шемата, како и можното инволвирање на државните органи, особено на луѓето кои работат во организацијата одговорна за надзор на распределбата на парите, државна агенција наречена OPEKEPE.

Додека извршителите на  измами веќе се изведени пред суд, никој во организацијата не е обвинет. Напротив, секој пат кога раководителите на генцијата се обидуваа да преземат акција за да ја спречат измамата, тогашниот министер за земјоделство ги принудуваше да се откажат.

Присвоените средства изнесуваат 45 милиони евра годишно, во една од најголемите земјоделски измами во последните години. Шемата излезе на виделина пред ЕУ да ги започне дискусиите оваа година за поставување на нов среднорочен буџет од 2028 до 2034 година. Грчкиот скандал сигурно ќе им даде нова муниција на критичарите на Заедничката земјоделска политика, позната како ЗЗП, која сочинува една третина од седумгодишниот буџет на ЕУ од 1,3 трилиони евра.

Од своето основање пред повеќе од 60 години, финансирањето на ЗЗП е главно поврзано со сопственоста на земја. Ваквите права се широко отворени за злоупотреба, како што покажува грчката шема, а претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се залага парите подобро да се трошат. Сепак, највисокиот функционер во ЕУ за фондот, Кристоф Хансен, сака да ја задржи врската меѓу земјиштето и парите, додека земји од ЕУ се противат на фундаментални реформи.

Една од првите што ги забележа неправилностите беше шефицата на Одделот за внатрешна ревизија на ОПЕКЕПЕ, Параскеви Тихеропулу. Нејзините претпоставени одговорија со тоа што ја ставија настрана – исклучувајќи ја од базите на податоци на организацијата и затворајќи ја надвор од нејзината канцеларија. Оттогаш, таа е поканета од страна на Брисел да помогне и да советува за технички и правни прашања.

„Методологијата на Тихеропулу доведе до откривање на обемен синџир кој, преку лажни изјави за сопственост, незаконски добивал помош од ЕУ преку националните резерви“, изјави нејзиниот адвокат Андонис Вагианос за ПОЛИТИКО.

„Имаше заеднички напори да се дискредитира … со покренување дисциплинска постапка против неа и со нејзина незаконска и одмаздничка смена од позицијата началник на Одделот за внатрешна ревизија поради неспособност“, додаде тој.

ОПЕКЕПЕ шест пати смени претседатели во последните пет години. Оние кои се обидоа да го исчистат нередот беа брзо отстранети. Според неколку официјални лица, европските обвинители, чија надлежност е да ја следат злоупотребата на фондовите на ЕУ, ја истражуваат шемата за грчките пасишта од 2021 година и разгледуваат околу 70 случаи. Еден веќе е сослушан во грчкиот суд, при што обвинетите се осудени на затворски казни. Уште двајца ќе одат на судење на 19 февруари.

Анатомија на измама

Фондовите на ЕУ за поддршка на земјоделците и сточарите во Грција ги администрира ОПЕКЕПЕ. Од 2005 година, организацијата е единствениот орган на земјата кој го надгледува исплатувањето на субвенциите според ЗЗП. Агенцијата, под надзор на Министерството за земјоделство, исплаќа 3 милијарди евра годишно на 900.000 корисници, вклучително и земјоделци, земјоделски задруги и извозни бизниси. Шемата започна откако промените во законодавството на ЕУ во 2017 година отворија повеќе земјиште за пасење во медитеранскиот регион. Пошироката дефиниција, за која Грција лобираше, вклучуваше не само пасишта, туку и грмушки и пошумени пасишта. Како резултат на тоа, подобната област во Грција речиси се удвои – а со тоа и можноста да се изврши измама.

Службениците од ОПЕКЕПЕ и техничките компании кои работат со нив први добија пристап до новите земјишни записи. Набргу потоа почнаа да пристигнуваат апликации од поединци за кои се тврди дека се сопственици или закупци на пасишта, но кои живееле во сосема различни делови на земјата од парцелите за кои поднесувале барања, според неколку службеници кои работеле во организацијата и поднеле жалби, како и документи за внатрешна ревизија видени од ПОЛИТИКО.

Побарувачите би пријавиле сопственост на земјиштето без придружни документи, како што се договори за купопродажба. Според директивата на ОПЕКЕПЕ, од неговите ревизори не се бараше да ги проверуваат договорите или имотните листови или да ги споредуваат изјавите со претходните години. Некои имоти биле пријавени како сопственост на еден корисник во една година, а потоа на друг следната година. За истото парче земја никогаш не се бара двапати, што укажува дека некој со целосен пристап до записите ја организирал шемата, според неколку официјални лица вклучени во истрагата кои разговарал ПОЛИТИКО.

„Оваа шема не можеше да биде поставена без некој во организацијата да ви каже кои парчиња земја се достапни низ целата земја и да не оркестрира дека нема да има „двојна резервација“ кај наводните сопственици на земјиштето“, изјави поранешен функционер на OPEKEPE за ПОЛИТИКО.

„Доказ за соучесништво“

Сегашните и поранешните функционери опишуваат шема која функционирала на три нивоа: ОПЕКЕПЕ им овозможил пристап до информациите за расположливото пасиште на своите технички советници; службените лица во измамата замижувале пред несигурните апликации или издале циркулари кои им помагале на сторителите да ја избегнат истрагата, а менаџерите во агенцијата кои се обидоа да се справат со шемата биле принудени да си одат.

„Ова не би било возможно без координација на некој кој има пристап до мапата со достапните области и она што е веќе прогласено за нечија сопственост“, рече еден претставник на Министерството за земјоделство.

Најголем дел од лажните поднесоци биле направени од Крит, кој добил две третини од вкупните земјоделски субвенции на Грција од ЕУ во 2020 година, според бројките на ОПЕКЕПЕ. Во договорите и правните документи што ги виде ПОЛИТИКО, поединци од јужниот грчки остров тврдат дека поседуваат земја на друго место – од северна Грција до Пелопонез и островите.

„Има толку многу земјоделци од Крит кои пријавуваат земја низ цела Грција, при што ниту едно од барањата не спаѓа во иста област и никој не го пријавува истото парче земја“, додаде претставникот на Министерството за земјоделство. Апликантите добиле средства за земјиште надвор од Грција во 34 случаи, вклучително и еден кој тврдел дека поседува парцела во соседна Северна Македонија, која не е ни во ЕУ, откри грчката истражна веб-страница „Inside Story“.

„Ги идентификувавме во 2021 година и побаравме од нив да ги вратат парите“, рече еден поранешен функционер на ОПЕКЕПЕ, кој остана анонимен поради чувствителноста на ова прашање. „Но, проблемот во регионот беше многу поширок“.

Во 2019 година, две лица од Ретимно, Крит, поднеле барање за субвенции за изнајмено земјиште на островот Ција за користење како пасиште. Нивната апликација вклучуваше договори за изнајмување кои идентификуваа двајца други жители на Ретимно како сопственици. Тие добија околу 73.000 евра од фондовите на ЕУ. Следната година двајца други производители од Ретимно го изнајмија истото земјиште на Циа и, во договорите доставени до ОПЕКЕПЕ, земјиштето изгледаше дека има нови сопственици.

„Наводните наизменични сопственици на истите парчиња земја во Циа на Кикладите ја менуваа земјата како чорапи“, се вели во извештајот доставен до обвинителите во Ретимно од тогашниот претседател на ОПЕКЕПЕ, Грегориос Варас. „Постојат сериозни докази за соучесништво“.

Грчкиот суд во октомври ги осуди измамниците од Ретимно на затворски казни од 12 до 24 месеци – првите големи пресуди во шемата за лажна пасење. Случајот беше поткрепен со факти и бројки доставени од EPPO, а на судското рочиште учествуваше и европски обвинител.

Во друг случај, кој оди на судење на 19 февруари, маж од Крит тврдеше дека е сопственик на пасишта во Грамос, во северозападна Грција. Поединецот, поранешен подизведувач во Министерството за земјоделство, е обвинет заедно со членовите на семејството дека примил илјадници евра откако тврдел дека изнајмил 450 хектари на планински терен во близина на албанската граница. Поединецот ја вратил „неправилно“ исплатената субвенција, надевајќи се дека ќе ја избегне казната. Сепак, тој и уште пет членови на семејството се соочуваат со обвиненија за кривично дело.

Водачите на ОПЕКЕПЕ кои се обидоа да ја потиснат шемата беа отфрлени од последователните министри за земјоделство. Првиот директор на агенцијата што беше сменет беше Григориос Варас, откако несогласувањата излегоа на виделина во 2020 година.Како дел од теренските проверки таа година, Тихеропулу, ревизорката подоцна симната од функцијата и деградирана, спореди декларации за исти парчиња земја во различни години.

„Оваа контролна методологија доведе до откривање на обемна шема која, преку лажни изјави за сопственост, незаконски добиваше помош од ЕУ“, рече Вагианос, нејзиниот адвокат.

Варас одлучи во 2020 година да блокира 3.500 ДДВ-броеви поврзани со сомнителни апликации за да ги провери правилно. Три случаи беа испратени до грчките обвинители. EPPO подоцна стана активна во оваа истрага. Потоа, во ноември 2020 година, тогашниот министер за земјоделство Макис Воридис побара оставка од Варас, а истрагата беше замрзната. Тројца претставници на ОПЕКЕПЕ рекоа дека Варас бил принуден да си оди поради истрагата, како што тогаш објавија и грчките медиуми. Воридис тоа го негира.

„Никогаш не му кажав ништо на Варас за истрагата, ниту можев, бидејќи немав овластување да го сторам тоа“, изјави тој за ПОЛИТИКО. „Ова го врши исклучиво претседателот на ОПЕКЕПЕ“.

Воридис оттогаш беше унапреден во државен министер кај премиерот Киријакос Мицотакис.

„Немам што да кријам“, рече Мицотакис пред грчкиот парламент на 24 јануари, велејќи дека не може детално да коментира бидејќи истрагата е во тек.

„Правиме големи напори да ја трансформираме организацијата која, за жал, никогаш не стекна технолошки капацитет да ракува со податоците и да врши плаќања без да се потпира на трети лица.

Во 2021 година, и покрај ефективноста на методологијата на Тихеропулу, OPEKEPE им наложи на своите ревизори да ги ограничат своите проверки на само една година и рече дека нема потреба да се проверуваат имотните листови.

„Овие директиви создадоа впечаток … дека има функционери во агенцијата кои се подготвени да обезбедат чадор на заштита и покритие за шеми за злоупотреба на фондовите на ЕУ“, рече адвокатот на Тихеропулу.

Во 2023 година, друг претседател на ОПЕКЕПЕ, Евангелос Симандракос, блокираше 6.000 ДДВ броеви осомничени за неточни поднесоци. Симандракос набрзо беше нападнат од тогашниот министер за земјоделство Лефтерис Авгенакис, кој претставува изборна единица на Крит. Авгенакис побара негова оставка, тврдејќи дека има проблеми со исплатите на ОПЕКЕПЕ. Симандракос на почетокот одбил, тврдејќи дека притисокот се должи на тековната истрага. На крајот тој поднесе оставка, а на негово место дојде неговиот заменик Киријакос Бабасадис.

Корективни мерки

Како што се појавуваа повеќе докази за измамата, Грција се најде под притисок од Брисел да ја исчисти. Сепак, опструкциите од страна на Министерството за земјоделство продолжуваат. Во март 2024 година, Европската комисија ја казни Грција со 283 милиони евра за лошо управување со ОПЕКЕПЕ во врска со исплатите на помошта од ЕУ направени во 2020, 2021 и 2022 година.

Потоа, Комисијата го стави ОПЕКЕПЕ на условна казна во траење од 12 месеци, повикувајќи се на многу недостатоци и доцнења во распределбата на средствата.

„Недостигот на соодветни, ефективни и непосредни корективни мерки може да доведе до повлекување на акредитацијата на ОПЕКЕПЕ“, напиша Комисијата во високо критичкото писмо до грчките власти.

На 11 септември, актуелниот грчки министер за земјоделство, Константинос Цијарас, го стави ОПЕКЕПЕ под надзор на неговото министерство и се согласи на акционен план со одделот за земјоделство на Европската комисија за чистење на агенцијата. Последното поглавје од драмата се расплетува по осудата на 4 октомври на Критјаните вклучени во тврдењата за Циа. На 14 октомври, шефот на ОПЕКЕПЕ Бабасидис ненадејно ја отстрани Тихеропулу, главниот ревизор кој прв ја откри шемата „поради неспособност“. На Тихеропулу, 22-годишен ветеран на ОПЕКЕПЕ, ѝ беше забранет пристапот до нејзините досиеја, а вратата од нејзината канцеларија беше запечатена. Таа презеде правни дејствија за дасе врати на функцијата и да ги поништи одлуките донесени против неа. Агенцијата поднесе контратужба. Неколку грчки и претставници на ЕУ потврдија за ПОЛИТИКО дека ЕППО оттогаш побарала Тихеропулу да биде испратена во нејзината канцеларија во Атина во експертско својство.

„Имајќи ја предвид извонредната експертиза на Тихеропулу, целта на ова испраќање е да ги поддржи истрагите за измама што влијае особено на субвенциите финансирани од ЕРДФ и ЕАФРД“, рече официјален претставник на ЕППО, користејќи ги акронимите за фондовите за регионален и земјоделски развој на ЕУ. Запрашан да коментира за смената на Тихеропулу, Бабасидис рече дека не му било дозволено да разговара за поединечни прашања на персоналот.

Цијарас, министерот за земјоделство, сè уште не го потпишал трансферот, иако тој е одобрен од Министерството за правда. Тој одби да коментира за статусот на трансферот на Тихеропулу. Цијарас се состана со претставници на ЕППО кон крајот на ноември и, иако деталите од состанокот не беа откриени, тој потоа побара оставка од шефот на ОПЕКЕПЕ Бабасидис. ЕППО ја потврди средбата со Цијарас, без да открие за што било разговарано.

„Мојот мандат во новата администрација е да продолжи со спроведувањето на акцискиот план што е можно побрзо. Овој гол е нашиот голем влог“, изјави Циарас за ПОЛИТИКО.

Запрашан за коментар, Бабасидис рече дека министрите имаат дискреционо право да назначат персонал во агенциите под нивен надзор и да побараат нивно разрешување. Тој додаде дека неговата администрација е „обележана со правични, транспарентни и навремени процедури за плаќање“ и дека исплатите од 2,8 милијарди евра во 2024 година биле направени по темелни внатрешни ревизии. Тој, исто така, рече дека презел акција за враќање на неподмирените долгови и воспоставил јавна платформа за справување со жалбите за измами.

Официјален претставник од Министерството за земјоделство рече: „Неисправностите и проблемите во ОПЕКЕПЕ не се нови; тие не го допираат актуелното политичко раководство на министерството — дури ни актуелната влада. Проблемите се враќаат понатаму и колку повеќе некој ги напушта, толку стануваат поголеми“.

„Најверојатно повеќе случаи ќе бидат изведени пред судовите. Јасната инструкција на министерот Цијарас е да се спроведе целосна, темелна и длабинска истрага за секоја жалба“, рече исто така службеникот, додавајќи дека не би било соодветно да се коментираат случаите пред да се изјаснат судовите.

Цијарас го назначи Николаос Салатас, поранешен судија, на крајот на јануари за нов претседател на ОПЕКЕПЕ – што го прави шести шеф на агенцијата во последните пет години.

„Каква врска има пензиониран судија со земјоделските прашања?“- Никос Андролакис, водач на опозициската партија Пасок, праша во парламентот минатата недела. „Или, користите пензиониран судија затоа што критериумот за неговиот избор е поврзан со средување на деловите [доказите] што европските власти веќе ги истражуваат?“

Грчките обвинители одбија да коментираат за оваа приказна. (Политико)