„Грижи се за неа“ – бестселер на Жан-Батист Андреа го освои Гонкур за 2023

Гонкур доаѓа со симболична награда од 10 евра, ама носи слава и голема продажба на наградениот роман


Жан-Батист Андреа (52) ја доби најпрестижната книжевна награда на Франција, Гонкуровата, за 2023. Тоа е бестселер-сага за животот на скулптор во текот на подемот на фашизмот во Италија.

Десетте членови на Академијата Гонкур, француското книжевно друштво кое ја доделува наградата, ја соопштија наградата од ручек во парискиот ресторан Друан, каде што победниците се прогласуваат од 1914 година.

Андреа, кој почнал да се занимава со пишување романи по долга кариера како сценарист, го опишува своето дело „Грижи се за неа“ (Veiller sur elle) како приказна за љубовта, пријателството и одмаздата. И покрај тоа што Гонкур обично не добиваат книги кои веќе имаат статус на „популарни“ (нешто што во високите кругови има негативен призвук), овој пат правилото е прекршено.

Книгата се занимава со италијанската политичка историја и класната структура од времето на Првата светска војна до 1980-тите, особено со подемот на фашизмот како постепен феномен од секојдневниот живот. Запрашан зошто изгледаше малку веројатно дека неговиот бестселер ќе добие Гонкур, авторот изјавил:

„Мислам дека денес сме ориентирани кон раскажување приказни во кино, како да има нешто малку вулгарно во тоа да раскажеш приказна во книга, како тоа да исклучува длабочина. Но верувам дека истовремено можеме да бидеме и длабоки и популарни, и да им понудиме повеќе нивоа на читање на различни типови читатели и генерации“. 

Гонкур доаѓа со симболична награда од 10 евра (околу 10 долари). Исто така, веднаш го става победникот во центарот на вниманието и има тенденција да доведе до остар скок во продажбата во пресрет на Божиќ. Победникот од 2019 година, „Аномалија“, научно-фантастичен трилер за мистериите околу летот Париз-Њујорк, продаде повеќе од милион примероци во Франција, што е невообичаено висока бројка дури и за победник на Гонкур.
 

И неколку други книжевни награди беа доделени деновиве во Франција. Ен Скот, која се здоби со голем број обожаватели по нејзиниот роман од 2000-та, „Суперѕвезди“, за генерацијата Икс и париската техно сцена, ја доби наградата Рено за новиот роман „Безобразни“, за филмски композитор кој го напушта Париз за да живее во провинција. Неж Сино ја доби При Фемина за „Тажниот тигар“ која раскажува за сексуалната злоупотреба која таа ја доживеала како дете. (Гардијан)