Гринпис со нова метода ќе детектира генетски модифицирана храна

Гринпис во соработка со други невладини организации обелодени нов метод на детектирање генетски модифицирани организми (ГМО) во исхраната, а алатката треба да биде јавно достапна, јави дописничката на МИА од Брисел.

Методот е објавен во научното списание “Foods“, соопшти Гринпис утрово, и овозможува да се детектира генетски модифицирана маслодајна репка од компанијата Цибус, отпорна на одредени хербициди. Според Гринпис методот одговара на сите законски критериуми на ЕУ и е веќе одобрен од страна на австриската агенција за животна средина.

-Новиот метод за детекција е огромен чекор во заштитата на потрошувачите и бизнисите во ЕУ. Властите сега ќе можат да почнат да идентификуваат неавторизирани генетски модифицирани култури. Ова ќе им помогне на пчеларите, земјоделците, одгледувачите, процесорите на храна и продавачите да ги задржат ГМО надвор од нивните ланци на снабдување и да ги почитуваат барањата на потрошувачите за храна без ГМО, изјави Хајке Молденхауер, од германското здружените за храна без ГМО.

Невладината Гринпис објаснува исто така дека овој нов метод на детекција се коси со тврдењата на биотехнолошката индустрија дека генетски модифицираните организми не се препознатливи од други немодифицирани организми и поради тоа не може да се воведе законска рамка во ЕУ.

-Новиот метод детектира вид на семе што е отпорно на хербицид и создадено преку нов вид на генетски инженеринг. Ова им овозможува на ЕУ земјите да воведат проверки за да се сопре влезот на недозволени ГМО во ланецот на снабдување на храна на ЕУ, изјавија од Гринпис.

Европскиот суд за правда пред две години дека сите форми на генетска модификација спаѓаат под ЕУ законодавството против ГМО, вклучително и најновите технологии.

Со овој метод Гринпис тврди дека и најмодерните методи на модифицирање на организмите сега можат да бидат детектирани и дека нема повеќе оправдувања за ЕУ да избегнува регулација согласно законот.

-Европската Комисија и владите мораат да градат врз овој успех и да развијат процедури на скрининг што ќе овозможат идентификација на производите, повикуваат од Гринпис.