ГРЕВИО евалуациска посета на Македонија


Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска присуствуваше на ГРЕВИО првата евалуциска посета на Република Северна Македонија која се одржа во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање.
На средбата присуствуваа претставници од Советот на Европа, ГРЕВИО, Министерството за труд и социјална политика и од Агенцијата за аудио, аудиовизуелни медиумски услуги.
Од страна на претставниците на независното експертското тело при Советот на Европа за имплементација на Истанбулската конвенција беа поставувани прашања со цел подобро согледување на напредокот на нашата држава во однос на родово базираното насилство.

Како што информира Министерството за труд и социјална политика, прашањата кон претставниците на институциите беа во насока на превенција и поголема заштита од насилство, подигање на јавната свест за насилството врз жените и семејното насилство, пријавување силување, мултиагенциска соработка, финансиски ресурси и родово сензитивното креирање политики.

– Со цел соодветен одговор на насилството врз жените и семејното насилство во 2017 година како држава ја ратификувавме Истанбулската конвенција. Започна изработката на Акциски план и ги усогласивме законските регулативи согласно конвенцијата. Во 2018 година донесовме закон за ратификација на конвенцијата. Иако КОВИД-кризата ги забави сите процеси во 2021 година донесен е Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Во моментот интензивно работиме на неговата имплементација во соработка со другите институции, рече Тренчевска.

МТСП посочува дека неговите претставници ги објаснија сите заложби и преземени мерки од страна на институциите задржувајќи се на подигањето на свеста на населението во однос на семејното насилство и родово базираното насилство.

-Препораките и коментарите од посетата ќе бидат дополнително доставени од страна на експертското тело со што институциите ќе добијат соодветни насоки за унапредување и успешна имплементација на Истанбулската конвенција. Министерката Тренчевска им посака успешна работна недела на присутните и плодна соработка на претставниците на сите релевантни фактори, информира МТСП.