Грешките на Трамп ќе ги плати Америка со многу заразени


САД се на добар пат да претрпат сериозни последици од појава на вирусот корона, како резултат на одложениот и дисфункционален режим на тестирање, како и погрешните пораки од администрацијата на Доналд Трамп, предупредуваат експертите за јавно здравје.

Повеќе од 3.000 луѓе се заразени, според најновите информации, низ САД. Речиси и да нема федерална држава каде не е соопштено дека има вирус. Сепак, бројот на заразени Американци е многу поголем, но заради многу мал број спроведени тестови, тие останаа неоткриени.

Недостатокот на планирања и ограничувања  направија да е невозможно да се тестираат луѓе без симптоми, иако вирусот може да се пренесе асимптоматски, што ја влоши ситуацијата непотребно, велат критичарите.

Помеѓу минатата недела и средата наутро, американските центри за превенција и контрола на болести тестирале само 77 лица низ САД. За споредба, кошаркарскиот тим на Јута успеа да тестира 58 лица самостојно,како и НБА-лигата и низа училишта, а наедно откажани се претстави на Бродвеј и разни други културни и спортски настани. Дури и во државата Вашингтон, каде починаа 31 лице, здравствените работници мораа да штедат на тестовите.

Уште на 31 јануари, администрацијата на Трамп го ограничи патувањето во и од Кина,  но потоа напорите за забавување и спречување на ширењето на инфекцијата се забавија. Можеби една од најголемите грешки на владата на Доналд Трамп е тоа што одби да ги користи комплетите за тестирање препорачани од Светската здравствена организација и започна да прави свои, што се покажа како грешка.

„Одговорот на владата беше фрустрирачки и разочарувачки“, рече Томас Чин Ца Каи, хирург од Бостон и професор на Институтот  за глобално здравје во Харвард. Тој рече дека строгите мерки за карантин во Кина му купиле време на светот со недели, но САД стојат наместо да одговорат. Ако имало насочен одговор, САД сега би биле во многу поинаква позиција.

„Владата на САД не сакаше да создаде паника, но Американците паничат кога сметаат дека нема план. Тој вакуум создава паника“ – вели тој.

Лошиот одговор од САД дополнително се влоши со однесувањето на претседателот Доналд Трамп, кој, плашејќи се од влијанието на ширењето на инфекцијата на берзите и неговите шанси за реизбор, првично ги отфрли стравувањата за вирусот  и тврдеше дека бројот на инфекции „побрзо ќе се намалува отколку да расте“ . Покрај тоа, администрацијата вети дека милиони комплети за тестирање ќе бидат ставени на располагање на Американците. Како што пишува „Гардијан“, сето ова се покажало како невистинито, што доведува до остри критики кон Трамп. Главниот и одговорен уредник на „Сајенс“ и хемичарот Холден Торп изјави дека „неточното преставување на состојбата и негирањето на претседателот беа опасни и речиси сигурно придонесоа за бавниот одговор на владата“.

„По три години дебатирање за тоа дали зборовите на оваа администрација се значајни, сега тие навистина можат да значат живот или смрт“, рече тој.

Влошувањето на ситуацијата го признаа и сојузниците на претседателот.

-Веројатно ги изгубивме шансите да имаме исход како Јужна Кореја, рече Скот Готлиб, поранешен шеф на Управата за храна и лекови под Трамп.Јужна Кореја помогна во спречување на заразата во светот со тестирање на речиси 20.000 луѓе секој ден.

-Ние мора да сториме сè што можеме за да го спречиме трагичното страдање што ја погоди Италија“, рече тој.

Антони Фаучи, кој е претседател на Националниот институт за алергија и заразни болести, оваа недела призна во Конгрес дека властите не брзале да реагираат на ширењето на вирусот корона.