ГРЕКО гледа „скромен напредок“ во справувањето со корупцијата кај нас


ГРЕКО го објави најновиот извештај за спречувањето на корупцијата кај пратениците, судиите и обвинителите во Македонија со оценка дека прогресот што е направен е многу скромен. Според образложенијата, на повеќето од препораките на ГРЕКО од кај нас одговориле дека сеподготвува нова регулатива  или новодонесената треба да се усклади со некоја друга, а најголем парадокс е дека министерот за правда и натаму има столче во Судскиот совет, иако беше јасно препорачано дека треба да се смени таа регулатива. 

„Во спроведувањето на препораките упатени до Северна Македонија во извештајот од Четвртиот круг на евалуација може да се забележи само скромен напредок. Девет од
деветнаесетте препораки се имплементирани во задоволителна мера или по нив
е постапено на задоволителен начин, девет препораки се делумно
имплементирани и една препорака не е имплементирана воопшто“, оценува ГРЕКО. 
Околу пратениците, според оваа организација за борба против корупцијата,  во тек се голем број ветувачки иницијативи, како што е изработката на новиот Кодекс за етичко однесување на  и ново Упатство.

„Генерално, тие претставуваат соодветна рамка за промовирање на интегритетот и водење на етичкото однесување на пратениците,на пример во однос на судири на интереси, односи со лобисти, подароци, итн.Сепак, обата документа треба дополнително да се усогласат и рационализираат , да се отстрани вишокот на содржина, да се обезбеди поголема јасност и кохерентност и појасно да се одделат важечките правила од објаснувањата и примерите. Покрај тоа, механизмите за усогласеност и советување допрва треба да се назначат. Што се однесува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на Собранието одговорна за спроведување на тековно важечкиот кодекс, се чини дека таа сè уште не извршила ниту една од своите поврзани функции“, ја забележува ГРЕКО скандалозната работа на ова тело на Собранието.

Околу  судството, ГРЕКО забележува проширување на опсегот на санкциите што се применуваат на судиите во согласност со член 78 (2) од Законот за судовите, но  ја повторува својата загриженост дека претходните намери за формално отстранување на Министерот за правда од
составот на Судскиот совет сè уште не се остварени. Имено, и со со новиот Закон за Судскиот совет, членството на министерот за правда во Советот беше задржано, иако без право на глас и право на учество на седниците на Советот на коишто се разгледува утврдувањето одговорност, изборот и разрешувањето на судии.

„ Властите сега ги повторуваат истите информации дека  членовите на Судскиот совет по службена должност не добиваат никакви работни материјали за постапките на коишто не присуствуваат. Оттука, министерот за правда нема информации за случаи во коишто треба да се утврди одговорноста, изборот или разрешувањето на судија/претседател на суд и од таа причина  не е во позиција да врши какво било влијание врз таквите постапки. Ваквата состојба се очекува да трае сè додека не се усвои уставен амандман со којшто министерот за правда ќе биде отстранет од составот на Советот“, констатира со жалење ГРЕКО.

Што се однесува до обвинителите, ГРЕКО го поздравува новиот Етички кодекс
којшто претставува сеопфатен сет правила поврзани со интегритетот, а  за контролата  на анкетните листови оценува дека презентираните статистички податоци покажуваат
поефикасна имплементација на системот за известување за имотната
состојба од страна на сите професионални групи, благодарејќи на ангажманот на ДКСК.

„Бројот на административни проверки извршени од страна на ДКСК е зголемен и тие резултираа со идентификување на повреди врз процедурални основи, односно ненавремено
доставување на анкетните листови за пријавување на имотната состојба. Сепак,
не е обезбедена длабинска проверка на анкетните листови за пријавување на
имотната состојба на сите пратеници, судии и обвинители, а информациите за
имплементацијата на системот за пријавување интереси се доставени до ГРЕКО
само во однос на некои пратеници“, стои во оценката на ГРЕКО. (С.Ј.)