Греење и повеќе храна за животните во битолската Зоолошка Градина
Јавната општинска установа Зоолошка Градина-Битола со дополнителни мерки ја зголеми грижата за животинскиот свет во градината.
Заради ниските температури на воздухот во ноќните и утринските часови вршиме греење на кафезите, изјави за МИА Жарко Тренкоски, директор на ЈОУ Зоолошка Градина-Битола.
-Зимската сезона ја дочекавме подготвено, обезбедивме храна и резерви од храна за околу 200 диви животни во Зоолошката градина. Количините на храна се за 30 насто зголемени и освен пченка, пченица и луцерка за тревопасните и месо за месојадните животни, доставуваме и прихрана со витамини за да може полесно да ја минат зимата. Но освен со повеќе храна, на животните им помагаме со греење во кафезите бидејќи температурата на водухот е ниска, посебно во текот на ноќта и во раните утрински часови, посочи Тренкоски.
Во битолската Зоолошка Градина кон крајот на минатата година беа регистрирани принови во семејството на мајмуните и стадото на ламите, а во новата година се очекуваат и нови жители на градината.
-Во овој период од годината намалена е посетеноста на Зоолошката градина, но напролет очекуваме поголема фрекфенција на посетители, групи на ученици и туристи. Но и зимските посети се интересни, а посебно привлечно е да се гледаат мечките кои сеуште не се во хибернација, истакна Тренкоски.
Зоолошката градина се наоѓа на Тумбе Кафе во Битола, на површина од два хектари и има нетипичен, но оригинален „ридско-планински“ изглед.