Грците се плашат од ковид, масовно му веруваат на Мицотакис


Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на прес-конференција на островот Санторини

По отворањето на границите, 64 отсто од Грците се многу (34 проценти) или доста (30 отсто) загрижени за епидемијата на Ковид-19, според новото истражување на јавното мислење во Грција, спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на политичката сцена во Грција, предност од 19 отсто има владејачката Нова демократија во однос на опозициската СИРИЗА, а Кирјакос Мицотакис со 48 отсто, според анкетираните, е посоодветен за премиер, наспроти 24 проценти, колку што добива Алексис Ципрас.

Од анкетираните, 54 отсто, позитивно ја оценуваат и работата на грчката Влада во изминатата една година од победата на Нова демократија на ланските избори.

Поконкретно, 31 отсто од испитаниците велат дека владата работи подобро отколку што очекувале, 23 проценти одговориле дека е во рамките на нивните очекувања.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“ било спроведено од 6 до 8 јули 2020 година, а биле анкетирани 1.305 лица со право на глас.