Грците ја избраа новата влада и отидоа на плажите


Атина – Грците вчера гласаа на изборите што ги свика премиерот Алексис Ципрас, три месеци пред регуларниот термин. Опишувајќи ги изборите како „ден на демократијата“, Ципрас побара од речиси 10-милионскиот електорат да не ја испушти можноста, а особено младите Грци и да се појави на избирачките места.

„Грците одлучуваат за правецот што земјата ќе го преземе во наредните четири години“, рече тој откако гласаше во централна Атина. „Сакам да апелирам до сите граѓани да го искористат своето право на глас и покрај фактот што температурата е висока денес, вредат 20-минутните напори да се биде дел од оваа критична одлука за иднината на нашата земја.“

Од 9.903.864 Грци со право на глас, 519.227 се гласачи за првпат на возраст меѓу 17 и 21 година.

Левичарскиот лидер ги свика изборите откако неговата партија Сириза доживеа неверојатен пораз на изборите за Европскиот парламент во мај. Нова демократија, главната опозициска партија, победи триумфално со разлика од 9,5 проценти – маргина на победа која не беше забележана откако европските избори беа првпат одржани во Грција во 1981 година.

Анкетите за јавното мислење укажуваат на тоа дека партијата, на чело со либералниот поранешен банкар Киријакос Мицотакис, ќе го повтори тој успех во неделата, иако аналитичарите не ја исклучуваат можноста симпатизерите на Сириза да се мотивираат повеќе.

Изборите се сметаат за трансформациски: без оглед која партија ќе победи, таа ќе ја формира првата постсанациска влада по отпочнувањето на финансиската помош пред една деценија и рецесија без преседан за земјата која долго време беше на првите позиции на европската должничка криза.

„Гласав рано, бидејќи сакам да ги исфрлам“, рече Јоргос Мананас, сопственик на продавници во центарот на Атина, мислејќи на левичарите. „Ципрас беше како сите други. Ги критикуваше сите, но не се гледаше себеси. Неговите економски политики беа ужасни. Даноци, даноци, даноци. Ние им дадовме шанса, но по четири и пол години мора да одат.“

Гласајќи во областа на работничката класа Перистери, 51-годишниот Мицотакис изрази оптимизам. „Денес сите Грци ја земаат судбината на земјата во свои раце и јас сум сигурен дека утре ќе има уште подобар ден за сите“, рече тој со широка насмевка.

Неочекувано добриот успех на Нова демократија е поврзан и со напорите на Мицотакис да ги поттикне центристите и конзервативците да ги исфрлат гласовите од неофашистичката Златна зора, заземајќи силен став за имиграцијата и договорот постигнат од страна на Ципрас за решавањето на името со Македонија.

„Тоа беше неочекувано“, призна Аристедес Балтас, филозоф и поранешен министер за култура, кој помогна да се напише манифестот на левичарите како основач на Коалицијата на радикалната левица или Сириза. „Сите се шокирани. Се надеваме дека неопределените ќе го сменат своето мислење.“

Но, изборите се одвиваат заедно со вознемиреноста дека апстиненцијата ќе се појави како вистински победник на изборите. Изборите се први што се одржуваат среде лето уште од 1928 година. Постојат стравувања дека гласачите ќе преферираат да одат на плажа или да останат дома, наместо да се префрлат на избирачките места на температура што се очекуваше да достигне 40° Ц.

Одѕивот ќе игра клучна улога во исходот што се очекува да стане јасен околу 19 часот попладне.

Дваесет партии се во трката за места во парламентот од 300 члена. Судбината на помалите политички групи, кои треба да го надминат прагот од три отсто за да влезат во парламентот, ќе зависи од бројот на луѓе што ќе излезат на гласање. Анкетарите велат дека тоа може да влијае врз способноста на Нова демократија да освои апсолутно мнозинство и да формира автономна влада.

Говорејќи на телевизиските емисии во неделата наутро, аналитичарите размислуваа што ќе направат стотиците илјади помлади Грци – дали ќе одлучат да одат на плажа или на избирачките места.

Помалите партии, како што се ултранационалистичката Грчко решение и левичарската МеРА25, на чело со Јанис Варуфакис, поранешен министер за финансии, ги имаат помладите Грци како свои целни групи.

„Гласањето еднаш на секои четири години не е доволно за демократија“, изјави Варуфакис за новинарите откако излезе од гласачкото место во крајбрежната област на јужна Атина.

„Демократијата им припаѓа само на оние што имаат храброст да ја бранат. Денес, единствениот начин да се брани со гласање е врз основа на програми на партиите. Честитки за сите оние граѓани што стануваат од своите софи и гласаат.“

В понеделник клучевите на палатата „Максимос“, украсената неокласична зграда во која се наоѓаат канцеларијата на премиерот и официјалната резиденција, речиси сигурно ќе му бидат предадени на Киријакос Мицотакис, поранешен банкар кој ја предводи Нова демократија. Синот на поранешниот премиер е образован на Харвард, чие семејство е споредувано со Кенедиеви – неговата сестра Дора беше министер за надворешни работи, а неговиот внук Костас е избран за градоначалник на Атина.

Приватно, дел од владејачките кадри велат дека лошото справување на Сириза со смртоносниот шумски пожар во крајбрежното одморалиште „Мати“ минатото лето значително помогна да се забрза падот на владата. Кога пеколот го зафати градот, загинаа 103 лица. Но, исто така, постои и вознемиреност околу начинот на кој левичарите се однесуваа додека се на власт. Ципрас пушел пури, а во една незгодна ситуација бил забележан како се одмора со своето семејство на јахта на бродосопственикот.

Циничната одлука за коалиција со екстремно десничарската партија Независни Грци ги поттикна обвиненијата дека Сириза на власт не беше многу подобра од стариот режим. (Гардијан)