Грците ги следат плажите со дронови, казните за кршење на правилата се огромни


Во март грчкиот парламент донесе нов закон за користење на јавниот имот во крајбрежните области и со тоа стапи на сила одлуката дека 50 отсто од плажите мора да бидат јавни.

Сепак, веќе е утврдено дека многу приватни сопственици, хотели и ресторани и кафулиња не го почитуваат тоа. Затоа, владата лансираше дронови за да провери дали се почитуваат правилата. Тие користат дронови за да ги следат плажите и да идентификуваат неправилности.

Имено, по поплаките дека приватни компании ги зазеле плажите и ја исклучиле јавноста, владата почнала да користи дронови за проверка на можни прекршувања на правилата.

Грчкото Министерство за економија и финансии во понеделникот објави дека првите инспекции со беспилотни летала почнале да ги идентификуваат прекршувањата на правилата за користење на брегот и плажите, вклучително и правото на пристап на јавноста.

„Новата стратегија на Министерството опфаќа строги правила и интензивни контроли за обезбедување слободен пристап на граѓаните до плажите, транспарентно користење на јавниот имот, заштита на животната средина, подобрување на туристичката понуда и почитување на безбедноста на капачите“, соопшти Министерството на 25 мај. 

Првите беспилотни летала беа пуштени на 24 мај на плажите Пефкохори и Полихронo во регионот на Халкидики во северна Грција, каде што имаше многу поплаки за пристап, соопшти Министерството.

Покрај беспилотни летала, ќе користат и сателитски снимки, сведоштва на граѓани преку бесплатната апликација My Coast каде ќе можат да поднесуваат жалби, како и увиди на лице место организирани од министерството во соработка со службата за недвижности, независниотo тело, полицијата и обвинителските органи и општините.

Казните почнуваат од глоби се до забрана за учество во процесите за доделување концесии, како и прекинување на дејноста. Казни од 2.000 до 60.000 евра се предвидени за попречување на бесплатен јавен пристап до брегот и плажите. За секакви отстапувања се предвидени кривични санкции.

Да потсетиме, грчкиот парламент во март усвои нов закон за користење на јавниот имот во крајбрежните области. Еколошките невладини организации го критикуваа, тврдејќи дека дозволува комерцијална експлоатација на плажите дури и во заштитени подрачја.

„Новиот закон значително го стеснува јавниот простор на нашето крајбрежје и не дава гаранција за заштита на чувствителните екосистеми и заштита на општествата од актуелната закана од климатската криза“, велат од WWF Грција.

Минатата година Грците излегоа на улиците барајќи да се врати бесплатниот јавен пристап до плажите во земјата, како што е гарантирано со закон. Големи делови од брегот се преземени од приватни компании кои незаконски го ограничуваат пристапот до плажите и честопати наплаќаат огромни суми за изнајмување лежалки.

Протестното движење, т.н „Движењето пешкир“ започна на островот Родос и се прошири на северот на земјата.

Министерството воспостави нова процедура за концесии на брегови и плажи преку посебна дигитална платформа. До 31 мај се очекува да бидат објавени сите електронски аукции за над 1.200 концесии.