Грција воведува полиција на универзитетите и покрај противењето на студентите


Грчкиот парламент синоќа го усвои Предлог законот со кој се формира специјална полиција на универзитетите, и покрај бројните студентски демонстрации кои се спротивставуваат на тоа веќе еден месец, пренесе РСЕ.

За време на дебатата, околу илјада луѓе, според полицијата, протестираа пред зградата на парламентот против тој закон, кога го нарекоа „антидемократски“. „Полицијата не влегува во универзитетите, туку демократијата“, рече премиерот Кирјакос Мицотакис во обраќањето пред парламентот, додавајќи дека тоа е начин „да се стави крај на насилството и да се отвори патот за слобода“.

Пратениците од опозицијата беа против законот, сметајќи дека постоењето полиција на универзитетите е спротивно на европскиот принцип на самоуправување на тие институции. Според новиот закон, полициски корпус од илјада луѓе во специјални униформи и без оружје, но со палки, ќе патролира по универзитетите. Универзитетите уживаат „азил“ – посебен имунитет, и никакви државни органи, ниту полицијата, па дури и пожарникарите, не можат да влезат во студентските домови и во универзитетските згради, освен ако официјално не бидат поканети.