Грција во шок: Политичко-педофилски скандал ја тресе Нова демократија

Полицијата истражува поврзаност на  истакнати политичари, актери и достоинственици во скандалот, најавувајќи дека ќе ги објави имињата на сите над двеста клиенти што најавиле интерес да  платат за секс со 12-годишното девојче  


Грција е во голем шок околу скандалот со силување, проституција и изнуда на 12-годишно девојче во Атина, кој излезе на виделина во понеделникот по истрагата на полицискиот оддел за заштита на малолетници. Двајцата мажи беа уапсени минатиот петок во врска со случајот, а скандалот еруптираше кога се дозна дека едниот од нив е член на владеjaчката Нова демократија, а неговата сопруга работела во канцеларија на братот на Дора Бакојани. 

Уапсениот Илијас Михос на 53 години, кој го силувал 12-годишното девојче во повеќе наврати и го принудувал да врши сексуални дејствија со други мажи за пари, бил уапсен во вторникот, заедно со еден од неговите „клиенти“, 42-годишен маж кој признал дека четири пати платил за да има „сексуални односи“ со детето.

Полицијата е во тек на апсење на 10 лица кои девојчето ги идентификувало како мажи кои платиле за да извршат сексуални дејствија врз неа од вкупно 16 мажи што ги памети. Според обвинителството, уште 213 мажи побарале да платат за да го силуваат малолетното дете преку нелегалната сметка што ја создал Михос, посторајќи ја на интернет како 16-годишна.

По одлука на обвинителот во Атина беа објавени идентитетите на двајцата обвинети за силување и присилна проституција на детето. Девојчето, кое даде три официјални сведоштва со надзор и поддршка на психолози, наводно е во шок и не може да го разбере обемот на нејзиното злоставување. Главни обвинети се Илиас Михос, роден 1969 година, а наводниот силувач и „клиент“ е именуван како Јоанис Софијанидис, роден 1980 година во Никаја, Атики.

Михос, беше опишан како „добар и религиозен семеен човек“ од неговите соседи и пријатели интервјуирани на државниот ТВ канал ЕРТ. Михос е сопственик на мини маркет во предградието Колонос, каде што се извршени поголемиот дел од наводните злосторства. Педесет и тригодишникот, кој беше член на политичката партија Нова демократија, е исфрлен од партијата експресно и доби доживотна забрана. Михос исто така бил професионален пејач во неговата локална парохија и добротвор на повеќе организации и синдикати. Тој често објавувал слики на кои пее во црква, слики на кои се гушка со членови на свештенството и истакнати политичари од конзервативниот спектар и многу актери. Многу од тие контакти се исто така под истрага. При рацијата кај него полицијата пронашла два пиштоли, 572 патрони, 21 нож, бајонет, два лаптопи и еден хард диск, а сето тоа е одземено како доказ.

Софијанидис, татко на три деца, вклучително и девојче на иста возраст со жртвата, рече дека „детето ми вршеше притисок за секс“. Кај него полицијата пронашла два УСБ-дискови.

Наводите се дека Михос наплаќал од 50 до 70 евра по „сесија“, а на некои состаноци по 100 евра, пари за кои, според 12-годишното девојче, таа никогаш не ги видела или не знаела ништо.

Сексуалните состаноци се одржале во близина на метро станицата Сеполија во западна Атина, а девојката било сексуално злоупотребувано во автомобилите на клиентите или во собите чија локација останува непозната за девојчето.

„Тој и другите се наредија да го малтретираат ова 12-годишно дете. Обврска на државата е, во рамките на законските граници што ги има – прашање на чест на нашата правна култура – ​​јавно да ги објави имињата на оние кои се обидоа да се наредат за силување на 12-годишно девојче“, изјави владиниот портпарол Јанис Економу  во интервју за ТВ АНТ1.

„Свесен сум дека нашиот правен систем е обврзан да ги следи правилата, но грчкото општество треба да знае кои се овие луѓе кои шетаат меѓу нас. Станува збор за шокантен случај, кој грчката полиција го извади на виделина. Апсолутно сум сигурен дека сѐ ќе биде целосно разјаснето“, додаде тој, истакнувајќи дека грчката правда располага со алатки за примерно казнување на силувачот и сите негови соучесници.

„Со промената на кривичниот законик,  доколку биде прогласен за виновен, обвинетиот може да добие доживотна казна затвор. Тој беше еден од членовите на Нова демократија, но тој престана да биде штом беше објавено“, рече портпаролот, нагласувајќи дека нема ништо повеќе да се каже за ова прашање на политички план. Оиконому исто така предложи да се откријат имињата на 213-те лица за кои се тврди дека изразиле интерес за секс со девојчето.

Уапсена е и мајката на 12-годишното дете, а сопругата на Михос е  под истрага исто така.

Младото девојче е едно од осум деца во обесправено семејство. Нејзината мајка била единствениот родител кој работел во продавницата на наводниот насилник како чистачка, а девојчето ѝ помагало надвор од училишните часови. Беше објавено дека тетката на девојчето открила дека била малтретирана и била принудена да нуди сексуални услуги откако сфатила дека девојчето станува крајно вознемирено кога и да добива СМС пораки, јавуваат локалните медиуми и ТВ Алфа.

Зборувајќи за ТВ Алфа претходно оваа недела, мајката на жртвата револтирано рече: „Ќе го убијам. Ако нешто се случи и овој човек биде ослободен, бидејќи има важни луѓе да го покријат, ќе го закопам сама“, нагласувајќи дека таа не бара пари, туку само правда.

Меѓутоа, во четвртокот полициските иследници открија дека мајката на детето била вмешана во различен случај на сексуална експлоатација на нејзината ќерка од 11-годишна возраст, речиси една година пред да се појават Михос и Софијанидис. Откриена е тајна сметка каде што лице блиско до Михос депонирало пари на име на мајката.

Сосетката исто така пријавила во полиција дека видела како мајката го носи девојчето на состаноци со случајни мажи, а потоа ја остава кај мажите и ја гледа како се враќа подоцна. Сосетката која сведочеше анонимно рече дека тоа се случувало повеќе од една година.

Мајката на детето рече дека отишла во полицискиот оддел во предградието Колонос за да го пријави наводниот криминал, но нејзиниот поднесок не бил прифатен. Таа го пријавила Михос за сексуално злоставување на нејзината ќерка во Службата за заштита на млади на полицијата во Атика неколку дена пред апсењето.

Василис Ламбропулос пријавил дека има фотографски доказ за обвинетиот како се гушка со директорот на полицискиот оддел Колонос. Беше откриено дека Михос направил неколку значајни донации на полицискиот оддел во Колонос за да ја добие наклоноста на полицајците додека таму ја обновувал дозволата за оружје.

Во случајот се чини дека е вмешана и сопругата на 53-годишниот сторител, која до неодамна е избран претставник на партијата Нова демократија. Се појавија докази дека таа се обидела да ја исплати мајката на детето за да го „закопа инцидентот“ нудејќи 10.000 евра. Елисавет Лека рече дека нема никаква врска со наводните злосторства. Лека, градски советник во Атина, која беше избркана од општинската канцеларија на градоначалникот Костас Бакојани претходно оваа недела, рече дека се разделила од сопругот пред три години, но тие продолжиле да го делат истиот дом. Лека исто така беше член на одборот на Општинскиот расадник (каде што се сместени повеќето бебиња и деца сираци во Атина), но и од таму е  отстранета. Таа објави соопштение во кое ги нарече наводите против неа „лаги“, додавајќи дека нејзиниот син „неоправдано ја загубил работата“. Нејзиниот син во четвртокот изјави дека добил отказ од весникот „То Вима“, каде што работел како новинар, откако станале познати наводите за неговиот татко.

Уапсени се и четворица сексуални работнички поврзани со случајот. Имено, грчката полиција доцна во средата вечер извршила рација во бордел во центарот на Атина во врска со случајот со силувањето и подведувањето на 12-годишното девојче. Рацијата уследи по информациите од вработена  која наводно имала УСБ стик на кој биле прикажани Михос, Софијанидис и други мажи, а некои од нив наводно етаблирани членови на заедницата влегуваат во борделот со 12-годишното девојче. Според соопштението објавено од полицијата во петокот, уапсени се четири лица, едно од Молдавија и три од Колумбија. Не се дадени дополнителни коментари во врска со целосниот обем на наводите на жената и нејзината вистинска вмешаност во случајот. Под истрага е и сопственикот на борделот, маж на околу 40 години.

Во петокот наутро, адвокатот Апостолос Литрас, кој исто така ја застапува мајката на 12-годишното момче, изјави за ЕРТ и другите медиуми дека уште две девојки, сега на 18-годишна возраст се појавиле да сведочат дека биле сексуално злоупотребувани и експлоатирани од Михос и Софијанидис кога биле помлади. Полицијата сè уште не ја потврди изјавата, но во четвртокот рече дека го истражува случајот како дел од поголема мрежа на трговија со луѓе и дека очекуваат повеќе жртви да почнат да се појавуваат бидејќи се објавуваат повеќе имиња и докази.

Информациите на megafono.gr наведуваат дека ниту самата полиција не знае како да го менаџира случајот, со оглед на тоа што се вмешани луѓе од политиката и шоубизнисот. Доколку се потврдат информациите, секако ќе зборуваме за домино случувања кои ќе предизвикаат политички пресврт, пишува медиумот. Објавена е и фотографија на Михос со друго десетгодишно девојче во скут со напомена дека според мајката на 12-годишното девојче, Михос ги привлекувал децата – потенцијални жртви – во својата продавница давајќи им сладолед и безалкохолни пијалоци. Според информациите од соседите на продавницата, ова девојче влегувало и излегувало речиси секој ден од продавницата. Медиумот исто така објави фотографии од Михос со регионалниот гувернер и други политичари во Атина и иако сите тврдат дека не знаеле ништо за неговите активности и дека како политичари се фотографираат со многумина, тие врски ќе се истражуваат. Пипците на скандалот се шират и тој сѐ повеќе наликува на тој во САД со Џефри Епштајн.