Грција во 2023 година ја посетиле над 32 милиони туристи


Минатата година Грција ја посетиле 32,7 милиони туристи, за 17,6 отсто повеќе споредбено со 2022 година, со што се зголемиле и приходите за државата од туризмот и достигнале 20,5 милијарди евра, согласно податоците од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Приходите за една година се зголемиле за 15,7 проценти, што се должи и на зголемувањето на бројот на туристи, но и на зголемувањето за 11,5 отсто на приходите од жителите на земјите од Европската Унија и за 18,5 проценти на приходите од туристите од земјите вон ЕУ.

Во однос на бројот на туристи, во 2022 година, бил 27,8 милиони, а лани 32,7 милиони.

Пристигнувањата во Грција преку аеродромите е зголемено за 12,7 отсто, а преку копнените гранични премини за 34,9 проценти.

Во 2023 година, речиси 20 милиони биле туристи од Европската Унија, а останатите над 13 милиони од земјите вон ЕУ.