Грција со рекордни 20 милијарди евра приходи од летната сезона


Приходите од туризмот во Грција веќе достигнаа годинава 18,2 милијарди евра. Владините функционери, но и професионалците во овој сектор се надеваат дека можат да достигнат речиси 20 милијарди евра.

Оваа проценка се заснова на неколку факти. Трошењето по патник е за околу 9% поголемо. Дополнително, јунските пристигнувања на 14-те најголеми регионални аеродроми во Грција беа за 4,6% повисоки отколку во јуни 2019 година. Иако податоците од јули сè уште се обработуваат, се чини дека пристигнувањата се зголемени за речиси 10% повеќе отколку во 2019 година.

Во август, исто така, беа забележани невидени нивоа на туристи, а резервациите за септември се бројни. Но, растот на трошоците ина резервациите се чини дека е концентриран во хотели и одморалишта со 4 и 5 ѕвезди, како и во краткорочни изнајмувања. Професионалци и аналитичари од индустријата објаснуваат дека ова е резултат на структурната промена во квалитетот на меѓународните патувања што беше евидентна уште пред пандемијата. Ова создава услови хотелиерите да ги зголемат своите давачки бидејќи сега работат со клиенти со повисоки приходи. Во исто време, патниците со поскромни средства, вклучително и многу Грци, бараат поконкурентни цени во помалку развиените дестинации.

Овој тренд нервира многу Грци, но потенцијално може да ги прошири придобивките од туризмот и во други региони надвор од вообичаените гламурозни дестинации. Во моментов, јужните егејски острови и островот Крит го земаат лавовскиот дел од приходите од туризмот. 

Во јули, неделните пристигнувања надминаа 900.000, додека оваа седмица се очекува да достигнат еден милион, соопшти министерот за туризам ја Василис Кикиљас, додавајќи дека   „бројките се навистина импресивни“. Кикиљас потенцираше дека „туризмот годинава покажа дека навистина е „тешката индустрија“ на Грција и не само што може да ја зајакне националната економија, туку и да и понуди значителна поддршка“.

Во однос на тоа кои туристи се најбројни, објасни дека „динамично се вратија“ туристите од Велика Британија, Германија и Скандинавија, за Американците рече дека се „high spenders“ туристи, односно „престојуваат многу денови во Атина и на многу дестинации, не само на островите, туку и во континенталниот дел, трошејќи многу пари со што значително ги зајакнуваат локалните економии“, а Грција е високо на листата и за балканските земји.

-Во јуни пристигнувањата од САД беа зголемени за 50 отсто во однос на 2019 година, беше регистриран пораст од 32 проценти од Австрија, 24 отсто од Израел. Грција оваа година е дестинација број еден за патниците од Франција, Израел, многу високо во преференциите на туристите од Балканот и на првите три места во Германија и Скандинавија, истакна Кикиљас.

Потенцираше дека постојат не само знаци, туку и докази дека туристичката сезона оваа година ќе биде продолжена, а надлежното Министерство веќе започнало да го спроведува планот за сезоната да биде продолжена до крајот на годината, додавајќи дека нивната намера е во текот на есента и зимата да има што е можно повеќе патници од северна и централна Европа.

-Веќе започнав контакти со туроператори, се сретнав со германскиот амбасадор, а минатата недела се видов и со амбасадорите на Австрија, Шведска и Норвешка. Во септември ќе ги посетам овие земји за да можеме внимателно и методично да го „изградиме“ овој проект. Германските пензионери, со оглед на тоа што немаат професионални и семејни обврски, можат да дојдат во Грција и да уживаат во блага зима во прекрасните области како што Крит, Родос, Кос, при што сместувањето ќе ги чини помалку, отколку да останат во своите домови каде што уште рано на есен, би биле принудени да трошат огромни износи пари за греење поради енергетската криза, истакна министерот за туризам на Грција.