Грција почна операција за дипломатска изолација на Македонија
Во Атина се најавува дека на самитот на НАТО од 9 и 11 јули во Вашингтон Грција ќе го покрене прашањето доколку Македонија не го почитува Преспанскиот договор
Поранешниот министер за здравство во една од вмровските влади, Никола Тодоров (потоа исклучен од партијата), пред да почне силната тирада од Атина по инцидентот со заклетвата на новата претседателка, при едно гостување на медиумите парафразирано рече: Со блокадата и заканите од Софија некако ќе се справиме, но ќе биде многу лошо за Македонија ако почнеме битка со Грција.
Тоа и се случува – владата на премиерот Киријакос Мицотакис, а и другите политички партии во Грција, почнаа голема политичка операција за дипломатска изолација на Македонија поради непочитување на Преспанскиот договор. Операцијата се води и во време на остра кампања за европските избори што во Грција ќе се одржат на 9 јуни, и во време кога Македонија е во безвластие.
Техничката влада како да не постои (премиерот Талат Џафери најмногу беше загрижен за прегласувањето на одредени избирачки места), министерот за надворешни работи, Бујар Османи е на последните прошетки во странство, СДСМ молчи, генерално молчи и победникот на изборите, ВМРО-ДПМНЕ, освен онаа провокативна изјава на Христијан Мицкоски. А медиумите секој ден ги пренесуваат изјавите на Мицотакис, на лидерот на Сириза, на други грчки владини функционери што може да очекува Македонија во иднина доколку не се придржува до Преспанскиот договор, особено употребата на уставното име.
Додека овде се губи драгоцено време за дипломатски одговор или за преземање на некаква иницијатива за парирање на реториката на Атина, владата на Мицотакис веќе е на добар пат да ја пренасочи својата вина за неусвојување на трите меморандуми во тврдењето дека биле во право да го направат тоа затоа што Скопје не бил доверлив партнер. И дека усвојувањето на меморандумите ќе дојде на дневен ред само кога претседателката на државата и владата во доаѓање ќе се усогласат со одредбите од Преспанскиот договор.
Во грчката јавност веќе доминира впечатокот дека ВМРО-ДПМНЕ игра „двојна игра“ – да признава дека Преспанскиот договор не може да се менува, а во исто време инсистира без проблем да го користи името „Македонија“. Атина се обидува да ја запре таа игра, инсистирајќи на почитување на Договорот од Преспа. Мицотакис речиси секој ден испраќа порака до Скопје, поточно до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и владата што треба да се формира, дека македонскиот пат кон ЕУ оди преку Грција и затоа е неопходно почитување на договорот.
Во своето интервју вчераутро на телевизијата Опен, тој истакна: „Грција не е изолирана, Скопје е изолирано и верувам дека ќе го сфатат тоа“.
Мицотакис изјави и дека побарал од претседателката на Европската комисијата, Урсула фон дер Лајен, и од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, да интервенираат по инцидентот при заклетвата на Сиљановска. Што и се случи. И Фон дер Лајен и Мишел испратија предупредувачки пораки до новите власти во Скопје само неколку часа откако и честитаа на Сиљановска.
Мицотакис најави дека ќе има притисок притисок и од САД, подвлекувајќи дека Грција не е сама. Габриел Ескобар, заменик- помошник државен секретар на САД за Западен Балкан, се обиде малку да ги намали тензиите велејќи пред некој ден дека Вашингтон добил гаранции од сите нивоа на партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе останат посветени на европскиот пат на Македонија.
Не треба да се биде некаков голем стратегиски експерт за да се заклучи оти САД првенствено се заинтересирани да го задржат Скопје врзан кон НАТО додека Русија и Турција се обидуваат да навлезат на Балканот. Токму од истата причина, Брисел сака да продолжи патот на Македонија кон ЕУ.
Претставниците на грчката влада тврдат оти партнерите и сојузниците сфатиле дека доколку не се почитува Договорот од Преспа, Грција ќе биде принудена да стави вето на пристапниот процес на Македонија.
„Нека разберат и нашите пријатели во Северна Македонија дека предизборниот период е завршен и дојде време да станат сериозни ако сакаат да имаат перспектива во ЕУ“, рече вчера Мицотакис.
Тој нагласи и дека „оние кои инсистираат на ‘Македонија’ ќе нѐ најдат на другата страна“. Мицотакис вели дека ВМРО-ДПМНЕ играл „мали игри“ во Македонија, нагласувајќи: „Ние не ја правиме надворешната политика со гласови“ и дека владата сериозно ги сфаќа прашањата со северниот сосед.
„Договорот од Преспа мора да се почитува. Не отстапуваме околу прашањата за името. Името на државата е Северна Македонија“.
Тој беше запрашан да го коментира тоа што на веб-страницата на новата претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, никаде не се споменува уставното име на државата: „Нека разберат и нашите пријатели во Северна Македонија дека предизборниот период заврши и време е да станат сериозни ако сакаат да имаат перспектива во ЕУ“.
Прашан за можноста ВМРО да спроведе во пракса некаква формула за двојно име, да го користи уставното име на државата во странство и да инсистира на „Македонија“ дома, грчкиот премиер рече: „Не сме наивни, многу добро знаеме како да управуваме со вакви ситни игри“.
Тој дури тврдеше дека поради оваа причина, а не поради внатрепартиските реакции на Андонис Самарас, владата не ги ратификувала меморандумите. „Ако ги ратификуваме ќе му овозможиме на Скопје да продолжи со истата политика. Затоа во овој момент нема да ги усвоиме“.
Мицотакис уште изјави: „Пред изборите во 2019 лесно можев да кажам ќе го искинам договорот од Преспа, ќе го укинам со закон. Не го направив тоа, бидејќи знаев дека не може да биде направено“.
Во Атина веќе се најавува дека на самитот на НАТО од 9 и 11 јули во Вашингтон Грција ќе го покрене прашањето доколку Македонија не го почитува Преспанскиот договор. На кој начин би било тоа, засега не се споменува. Но дотогаш веќе ќе има влада во Македонија и би требало да се знаат нејзините становишта.
„Договорот од Преспа мора да се почитува. Не отстапуваме околу прашањата за името. Името на државата е Северна Македонија“, рече Мицотакис.
Грчката дипломатија и медиумите внимателно го следат секој чекор што го прави ВМРО-ДПМНЕ и неговите раководители. Така вчера веднаш беше забележано дека во официјалното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ за средбата меѓу Мицкоски и австрискиот амбасадор Мартин Памер на два пати беше споменато името „Македонија“. За сето ова Атина веќе има отворено големо досие и ќе се обиде да го искористи против државава и нејзиниот напредок кон ЕУ.
Во Атина проценуваат дека Брисел и Вашингтон се согласни дека Македонија мора да ги исполни своите обврски. Но, владините кругови (како што се анализира во медиумите) разбираат и дека партнерите и сојузниците не сакаат повторно да бидат повикани да бидат судија на Балканот, додека во Украина и Блискиот Исток сè водат војни со екстремно голем ризик. Во исто време во владините структури во Атина се оценува дека Македонија многу се потпира на поддршката од ЕУ и САД, па ниту една влада во Скопје нема вистински избор и дека ќе мора да се почитува Договорот од Преспа.
Кога Атина го поддржуваше македонскиот напредок кон преговорите со ЕУ, па дури беше и наш лобист во Брисел по склучувањето на Преспанскиот договор, а бугарската влада постави нерационална блокада, од највисоките бугарски функционери стигнуваа пораки дека патот на Македонија кон ЕУ оди преку Софија. Сега, очигледно веќе има два пата кон Брисел за Македонија и прашање е кој да го фати од нив. Или ниеден.