Грција меѓу првите во ЕУ ќе ги повлече пластичните производи за еднократна употреба

Целта е Грција да биде една од првите земји во Европската Унија што ќе ја повлече пластиката за еднократна употреба, усогласувајќи се со директивите од унијата, изјави министерот за животна средина и енергија на Грција Костис Хаѕидакис, презентирајќи го предлог-законот за намалување на последиците од одредени пластични производи врз животната средина, согласно европските упатства, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно, Министерството заедно со невладина организација започнува кампања „Грција без пластика за еднократна употреба“.

– Секоја година во Грција се продаваат две милијарди пластични шишиња со безалкохолни пијалаци и вода и повеќе од 300 милиони пластични чаши за кафе. А последицата од сето ова е 50 отсто од отпадот во морето е пластика за еднократна употреба. Јасно е дека проблемот со загадувањето со пластика не е во сферата на имагинацијата, туку е реалност за која се потребни сеопфатни мерки, со реални цели и учество на сите во заедничкиот напор, рече министерот за животна средина и енергија на Грција.

Европските упатства предвидуваат од јули следната година да се забрани продажбата на пластични производи за еднократна употреба како што се: прибор за јадење, чинии, сламки, чаши, производи од стиропор, контејнери за храна од стиропор, стапчиња за уши и слично, а забраната во Грција ќе почне шест месеци порано во јавниот сектор, за како што рече Хаѕидакис, „да му покажеме на светот дека ние го правиме првиот чекор, а зборовите се усогласени со праксата“.

Освен европските упатства, Грција ќе воведе и дополнителни мерки на национално ниво, како што е такса за заштита на животната средина од почетокот на 2022 година, но и санкции и казни за прекршувачите.

За да се намали употребата на пластични шишиња со вода од јули следната година ќе се постават јавни чешми на спортските терени и детските игралишта.