Грција да притиска за евроинтеграцијата, Македонија целосно да го исполни Договорот од Преспа


Грчкиот шеф на дипломатијата Никос Дендиас на средбата со нашиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, денес во Атина порача дека евроинтеграцијата на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, мора да продолжи и Атина ќе даде техничка поддршка за тоа, но Македонија од своја страна треба да го исполни целосно, конзистентно и во добра волја Преспанскиот договор.

Според Дендиас, две години по влегувањето во сила на Договорот има завршено доста работа во промената на името, но е потребен натамошен напредок.

„Две години по стапувањето во сила на Договорот од Преспа, признаваме дека е направен голем напор во неговата имплементација. „Но, секако дека е потребен поголем напредок“. „Меѓу пријателите мора да бидеме искрени и отворени“, рече тој. „Грција може да стане најдобриот сојузник на Северна Македонија, може да биде нејзин најдобар пријател“.

Притоа Дендиас ги спомена стриктната употреба на новото име во јавните институции и од приватните субјекти, па дури и во веб порталите, отстранувањето на програмата за антиквизација и на звездата од Вергина, како и преименување на патиштата и други инфраструктурни објекти. Тој ја спомена соработката на здравствен план со Македонија и договорот со ЕУ за обезбедување на вакцини на земјите што не се членки на Унијата, но не кажа конкретно кога ќе се случи ветената помош од Грција за Македонија. 

„Не можеме да дозволиме да се создаде јаз во стабилноста во регионот, кој лесно може да се пополни од други неевропски сили кои се залагаат за ревизионизам“ на Западен Балкан, рече Дендиас. „Грција историски, но исто така активно ги поддржува земјите од Западен Балкан и нивната перспектива за пристап, засновани врз условеноста, меритократијата и методологијата на ЕУ“, рече г. Дендиас и додаде: „Цврсто веруваме дека тоа е единствениот начин за мир и стабилност во регионот. „Европа има обврска да го задржи европското проширување на маса“.

Тој дури ѝ се заблагодари на Македонија „за усогласувањето во заедничкиот став на ЕУ во однос на Турција“.

Фокус на разговорот меѓу двајцата министри и официјално беше воспоставување на рамката за следните активности на двете држави согласно Акциониот план за соработка и имплементацијата на Договорот од Преспа.Покрај интензивирањето и унапредувањето на економската соработка, преку поголема соработка на стопанските комори, во делот на инфраструктурата, за меѓу граничните олеснувања на движењето на граѓаните, енергетиката, се разговараше и за понатамошно продлабочување на политичкиот дијалог, за пријателството и добрите односи со соседите, како политики на градење заедничка европска иднина.

„Вистинско задоволство е да се почне годината со ваква успешна посета на Грција. Нашите искрени намери се да го надминеме прагот на добрососедството, како коректен политички наратив, и да поставиме основа за изградба на едно подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, како највисок израз на успешност на политиката и дипломатијата“, истакна Османи.

„Како непосреден сосед кој воедно и членка на ЕУ, сметам дека е особено важна принципиелната поддршка од страна на Грција за почеток на преговорите со Северна Македонија, без одложување. Ја цениме оваа поддршка и ја сметаме за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мера придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план“, рече Османи.

За време на посетата се потпишаа три Меморандуми за разбирање меѓу двете држави за соработка во областа на инвестициите и надворешна трговија меѓу претпријатијата „Грција СА“ и „Инвест Северна Македонија“, за соработка меѓу министерствата за надворешни работи во едукацијата на дипломатите и за соработка во областа на цивилната заштита.

„Особено ме радува што денешната посета ја крунисавме со потпишувањето на три многу важни меморандуми за соработка. Отсекогаш сум велел дека економијата и бизнисот треба да ги предводат нашите односи, наша обврска е преку овие меморандуми, преку политичката соработка, да ги создадеме сите услови за натамошно унапредување на трговската размена, размената во областа на туризмот, инвестициите, како најважна и сигурно нај-опиплива придобивка за граѓаните. Пред нас стојат сериозни инфраструктурни и енергетски проекти: преку изградбата на интерконекторот за пренос на гас, поврзување на земјите преку гасовод, возобновување на постојниот нафтовод, учество во изградбата на гасниот терминал Александрополис, железничкото поврзување, патното поврзување и секако отворањето на новите гранични премини Маркова Нога-Лемос и Мајден-Промахои“, нагласи Османи.

Македонскиот шеф на дипломатијата утринава прво се сретна со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, која исто така му нагласила дека „целосното, доследно и добронамерно спроведување на Договорот од Преспа е клучно, како за интегративниот процес на Северна Македонија во Европската Унија, така и за нашите билатерални односи“, како што стои во соопштението од нејзиниот кабинет. Сакеларопулу рекла дека односите меѓу двете земји се во нов продуктивен период, нешто што се потврдува и со редовните контакти на високот ниво и истакнала дека Грција очекува уште поблиска соработка меѓу двете земји. (Н.В.)