Грција ќе ѝ помогне на Бугарија по запирањето на рускиот гас
Петков ја оцени како „неприфатлива уцена“ прекинот на испораката на руски гас за Бугарија и Полска и рече дека Софија ќе ги разгледа сите договори со „Гаспром“, вклучително и транзитот на руски гас за Србија и Унгарија

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис му ветил на својот бугарски колега Кирил Петков дека Грција ќе ѝ помогне на Бугарија откако Русија ја прекина испораката на гас, објави Ројтерс. Агенцијата додаде дека двајцата разговарале за ова прашање во телефонски разговор претходно денеска, што претходно го спомена бугарскиот премиер.
„Премиерот рече дека Грција ќе ѝ помогне на Бугарија да се справи со новата ситуација предизвикана од енергетските одлуки на Русија“, соопшти кабинетот на Мицотакис, без да даде детали.
Грчки извор запознаен со темата изјави за Ројтерс дека Атина би можела да ѝ помогне на Софија со промена на протокот на горивото преку гасоводот „Турски тек“, механизам што се користел и претходно. Гасоводот испорачува руски гас до Грција преку Црното Море, Турција и Бугарија, соопшти агенцијата.
Петков ја оцени како „неприфатлива уцена“ прекинот на испораката на руски гас за Бугарија и Полска и рече дека Софија ќе ги разгледа сите договори со „Гаспром“, вклучително и транзитот на руски гас за Србија и Унгарија.
Овој раскин „претставува сериозно прекршување на договорот“, изјави Петков за новинарите.
Петков рече дека Бугарија во моментов ги разгледува сите договори со „Гаспром“, вклучително и транзитот на руски гас за Србија и Унгарија, бидејќи „едностраната уцена не е прифатлива“.
Тој посочи дека со премиерот на Грција разговараат за ситуацијата и дека Бугарија и Грција ќе продолжат да соработуваат за енергетската безбедност и диверзификација. Тој додаде дека тоа ќе биде „од стратешко значење за двете земји и за регионот“.