Грција ја засилува безбедноста на американските и израелски цели во земјата
Грчките власти ја зголемија безбедноста околу потенцијалните американски и израелски цели во Грција, како и околу деловни објекти и аеродроми, по нападите врз Иран предводени од САД, објави „Катимерини“.
Портпаролката на полицијата, Константија Димоглиду, изјави дека мерките не се однесуваат само на дипломатските претставништва, туку опфаќаат и комерцијални и деловни објекти кои би можеле да бидат мета.
Безбедносните мерки се засилени и на главните аеродроми во Грција, а полицијата тесно соработува со армијата и со тајните служби со цел справување со потенцијални закани.
Во меѓувреме, десетици летови од Атина кон Блискиот Исток се откажани по нападите врз Иран и неговиот одговор.
Инаку, Британската воздухопловна база Акротири на Кипар (РАФ) е погодена со беспилотни летала, потврди Министерството за одбрана на Велика Британија. Во нападот нема жртви, но како мерка на претпазливост, персоналот кој не е неопходен за работењето на базата ќе биде привремено преместен.Владата на Велика Британија сè уште не потврдила од каде дошол дронот и најави истрага за случајот.