Грција има доволни резерви на гориво за два месеци


(Фото: Хеленик петролеум)

Целосно сме обезбедени за период од два месеци. Ако не се обнови пловидбата низ Ормуската Теснина, ситуацијата потоа ќе стане потешка, изјавил за висок функционер од секторот на рафинерии за грчкиот весник „Катимерини“ во однос на состојбата со резервите на гориво во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Весникот објаснува дека Грција располага со четири рафинерии (две во близина на Атина и една во Солун на „HELLENiQ ENERGY“ и една на „Motor Oil“ во близина на Коринт), со вкупно производство на основни нафтени производи (бензини, дизел за транспорт и греење, авионски и бродски горива) кое значително ја надминува домашната побарувачка, а над 50 отсто од производството се извезува, додека безбедносните резерви го надминуваат задолжителниот минимум од 90 дена.

– Сепак, продолжена криза на Блискиот Исток се очекува да ја влоши веќе ограничената понуда на нафта на глобално ниво, правејќи ја набавката на сурова нафта за рафинериите во земјата потешка и поскапа, пишува „Катимерини“.

Додава дека големиот предизвик со кој се соочуваат грчките рафинерии е да најдат нови добавувачи, а испораките од Персискиот Залив веќе се заменети со алтернативни извори, „обезбедувајќи го производството со полн капацитет до мај“.

Компанијата „Motor Oil“, која пред почетокот на војната на Блискиот Исток набавувала 74 проценти од вкупната мешавина сурова нафта од Ирак, веќе целосно ја заменила таа набавка, обезбедувајќи континуирано работење на рафинеријата со полн капацитет до мај и, според „Катимерини“ продолжува да бара нови набавки за следните месеци, а веќе преработува повеќе сурова нафта од Либија, Северното Море и Египет, додека во текот на април го примила и првиот товар американска сурова нафта од типот WTI.

Рафинериите на „HELLENiQ ENERGY“, пред воениот конфликт на Блискиот Исток, покривале 20 до 25 отсто од своите потреби за суровини со набавки што минувале низ Ормуската Теснина, кои исто така се заменети со други извори на снабдување и се доволни за период од два месеци.

– Не гледаме непосреден проблем во однос на достапноста, како земја имаме вишок и на дизел и на авионски горива, а поголемиот дел го извезуваме. Тоа ни дава еден безбедносен механизам во однос на достапноста, рекол за „Катимерини“ заменик-министерот за енергетика, Никос Цафос.