Грција и Италија ќе инвестираат над 700 милиони евра во грчката железница

Геополитичките прашања, миграцијата, безбедноста, енергетиката, климатската криза, но и билатералните односи, биле темите за кои разговарале италијанската премиерка Џорџија Мелони и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на нивната денешна средба во Рим, како и на вториот меѓувладин состанок меѓу Грција и Италија одржан по пауза од осум години, а паралелно беа потпишани и 14 договори и меморандуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Меѓу меморандумите што ги потпишаа, едниот е за надградба на електричното поврзување на двете земји, со цел тројно зголемување на постојниот капацитет, а другиот за инвестиции во железничкиот транспорт со оглед на тоа што грчката „Hellenic Train“ припаѓа на италијанската државна групација „Ferrovie dello Stato“ и со кој Италија се обврзува да инвестира 360 милиони евра за купување на вкупно 23 возови, а Грција ќе инвестира 400 милиони евра.
Договорот доаѓа по железничката несреќа кај Темпи на крајот на февруари 2023 година, во која животот го загубија 57 лица.
– Ова е многу важен договор, бидејќи од една страна, Грција е повикана да инвестира над 400 милиони во суштинска надградба на мрежата, во санирање на штетите од големата климатска катастрофа, односно големата поплава што ја имавме минатата година, како и во инсталирање на најсовремени безбедносни системи. А италијанската страна се обврзува да инвестира 360 милиони евра за набавка на нови возови, нови депоа, за да можат грчките железници да го достигнат нивото на кое се италијанските железници денес, рече Мицотакис.
Мелони од своја страна посочи дека овој договор со Министерството за транспорт на Грција „дава нов импулс во стратешкото партнерство“.
Премиерите на двете земји разговарале за ситуацијата на Блискиот Исток, за војната во Украина, европската политика, но и за мигрантското прашање, за што Мелони посочи дека акцентот ќе се стави на соработката во борбата против нелегалната миграција, „прашања за кои постои голема согласност со грчкиот премиер“.
– Имаме намера да продолжиме да соработуваме со Кирјакос за да го промениме целиот пристап во Европа. Успеавме да го поместиме фокусот кон заштитата на надворешните граници, борбата против криумчарите и соработката со транзитните земји, посочи Мелони.
Мицотакис од своја страна нагласи дека „грчката влада, која од 2020 година се бори да ја промени европската миграциска политика, во лицето на Џорџија, веројатно го пронајде својот најсилен сојузник“.
Во однос на Украина и италијанската премиерка и грчкиот премиер нагласија дека имаат идентични ставови и ја поддржуваат потребата за безусловен 30-дневен прекин на огнот.