Грција гори – за десет дена регистрирани 400 пожари


Атина – Поминавме тешки десет дена, во кои преовладуваа силни ветрови и многу тешки и неповолни услови и се соочивме со над 400 пожари, истакна министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Евангелос Турнас во интервју за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

Турнас се осврна на големите пожари на островот Парос, во јужниот дел на островот Крит и во областа Виотија во централна Грција, кои последователно избувнаа од 28 јули и посочи дека новите неповолни временски услови дополнително ја отежнале оперативната состојба, посебно истакнувајќи ги силниот ветер и турбуленциите кои спречија оперативно користење на воздушните средства за справување со огнената стихија.

За пожарите на Крит, јужно од градот Ретимно, објасни дека воздушните средства повеќепати полетувале, но безуспешно, бидејќи не успеале да извршат ниту едно исфрлање вода, а слични, како што рече, биле условите и при големиот пожарот во областите Атика и Виотија.

– Наредба за интервенција доби 51 авион од конкретниот момент до следниот ден напладне. И покрај тоа, ниту овие воздушни средства не можеа да извршат ниту едно исфрлање, не можеа ниту да земат вода, ниту да исфрлат вода, објасни министерот.

Посочи дека годинава е регистриран поинаков вид закана, со исклучително силни североисточни ветрови кои на планинските масиви, се претвораа во силни надолни воздушни струења, предизвикувајќи екстремни турбуленции.

За причините за пожарите објасни дека „во 90 отсто од случаите се предизвикани од невнимание, а само 10 проценти се намерно предизвикани“ и паралелно истакна дека од Дирекцијата за справување со кривичните дела поврзани со подметнување пожари, досега биле изречени 680 казни, а биле уапсени над 274 лица.

Министерот ја нагласи потребата да се спречи избувнување на нови пожари, бидејќи, како што објасни, истовремено се присутни три особено неповолни фактори: многу силни ветрови, високи температури кои на западот ќе достигнат 40 степени, а на истокот 38-39 степени, како и голема количина сува запалива материја и упати апел до сите за зголемена внимателност и одговорност.