Грција гони свештеници -одржале литургии и покрај забраните


Во две цркви, во атинската населба Кукаки и на островот Крф, и покрај забраните поради Ковид-19 црквите да бидат затворени за верниците, свештени лица причестувале граѓани, по што реагирало обвинителството.

Според информациите во грчките медиуми, веќе се покренати предмети, а полицијата трага по свештените лица од двете цркви.

Дел од медиумите во Грција, вчера објавија фотографии од атинската населба Кукаки на кои се гледа причестување на татко со своето дете од задниот влез на црквата, додека пак на островот Крф соборниот храм бил отворен за верниците.

Според локалните медиуми од островот Крф, на литургијата присуствувале верници, меѓу кои наводно била и градоначалничката, а на крајот од богослужбата имало и причестување.

„Она што се случи во црквите во Кукаки и Крф е кршење на законите и наредбите на Светиот синод и ги ставаат во голема опасност животот на граѓаните и јавното здравство. Контактирав со министерот за правда со цел да побара од обвинителството да покрене правни постапки“,

рече заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас.
Министерот за правда на Грција, Костас Циарас, разговарал со обвинителот од Врховниот суд, Василис Плиотас, и побарал да се спроведе истрага за двата случаи.

Од Атинската архиепископија соопштија дека го истражува настанот во црквата во Атина и ќе преземе соодветни чекори, а паралелно потсетуваат дека „одлуките на Светиот синод се обврзувачки за сите свештени лица од светата архиепископија Атина и од светите митрополии на црквата на Грција и мора строго да се почитуваат“.