Грција го зголемува бројот на војници, купува оружје и развива одбрана


 

Грција ќе ја зајакне својата војска со нови програми за вооружување, ќе се зголеми бројот на војници и ќе се унапреди развојот на одбранбената индустрија, изјави денеска владиниот портпарол Стелиос Пецас.

Грција во моментот заедно со Кипар е во спор со Турција во врска со правото на потрага за енергенси во источниот дел на Средоземното Море. Грција и Турција пратија свои морнарички и воздухопловни сили во тој регион.

„Турското раководство речиси на дневна база упатува закани со војна и објавува провокативни соопштенија против Грција“, рече Пецас.

Тој додаде дека Грција одговорила со политичка, дипломатска и оперативна подготвеност и дека е одлучна да направи се што е неопходно за да ги заштити своите суверени права, пренесе АП.

Пецас рече дека премиерот Кирјакос Мицотакис ќе објави детали за планот за зајакнување на воените сили во текот на годишното обраќање за состојбата во економијата во сабота, 12 септември.

Грција минатата недела собра 2,5 милиони евра со продажба на државни харии од вредност.

Грчките медиуми пренесоа дека купувањето може да опфати француски борбени авиони „рафал“ и најмалку една француска фрегата.